Изминатите неколку дена се регистрирани позитивни случаи на Ковид 19 во пет конфекции во Штип. Во една од нив со стоина вработени, изутрината се соопштени вестите за две позитивни работнички, по што сопственикот одлучил до петок да го прекине производството. Работниците се пуштени на одмор, а деновиве ќе бидат повикани на тестирање.
Во останатите конфекции, иако има позитивни случаи, редовно се работи, со исклучок на болните и работниците во изолација.
Од Центарот за јавно здравје во Штип велат дека повеќе не може да се зборува за кластери. Вирусот е секаде, а заболените најчесто не можат да се сетат како заболеле. Фактот дека во епидемиолошките анкети посочуваат на 15-ина контакти, зборува дека заболените имаат интензивни контакти и не се придржуваат на препорачаните мерки.
Со најновиот број на конфекции со болни работници од Ковид -19, бројот на текстилни компании каде е присутен вирусот се искачи на 13.
Со исклучок на денеска затворената, сите компании нормално работат. Епидемолозите велат дека може да се полемизира што е исправно – да се затвори или не, но на крајот се’ ќе зависи од дисциплината и придржувањето кон мерките. За жал, штипјани, особено оние најмладите се групираат, ретко ставаат маски, а кафулињата и парковите се полни.