Со само едно возење во лифт жена заразила 71 лице со коронавирус – ММС
ММС

Објавено на: 07/13/20 2:15 PM

Со само едно возење во лифт жена заразила 71 лице со коронавирус

Жена која се вратила во Кина по нејзината посета на САД, несакајќи заразила 71 лице со коронавирус бидејќи го користела лифтот во зградата во која живее, пишува британски „Индепендент“.

Таа немала никакви симптоми а имала и негативен тест на вирусот, но сепак била во самоизолација по враќањето во кинеската провинција Хилонџијанг, осум дена откако во местото немало нови случаи со коронавирус.

Жената не го користела лифтот заедно со другите станари, но се верува дека нејзиниот комшија го користел набрзо по неа.

На 29 март мајката на соседот кој живеел на катот под нејзиниот и нејзиниот партнер биле на забава со група на луѓе.  Потоа на втори април еден од присутните на таа забава доживеал удар и бил пренесен во болница, но тогаш немало никаква поврзаност помеѓу него и жената, па тој не бил тестиран за коронавирус.

Епидемиолозите подоцна заклучиле дека жената најверојатно го инфицирала лифтот во зградата. Нејзиниот сосед се верува дека го добил додека се возел во лифтот, а мајката и нејзиниот партнер кога дошле да го посетат. Парот потоа на забавата го инфицирал пациентот кој добил удар и неговите двајца синови.

Двајцата синови наизменично се грижеле за таткото кој во меѓувреме на шести април бил преместен во друга болница. Тројцата подоцна биле тестирани позитивно на коронавирусот и епидемилозите откриле дека тие заразиле 28 луѓе во првата болница, вклучувајќи пет сестри и еден доктор. Во втората болница пак, инфицирале 20 луѓе.

Мајката на соседот на жената развила симптоми и била првата во кластерот која се тестирала позитивна на коронавирусот.

Кога епидемиолозите откриле дека некој во блокот патувал во скоро време, отишле да ја тестираат повторно и откриле дека има создадено антитела на вирусот, што доведува до фактот дека го имала вирусот.

– Веруваме дека жената била асимптоматски носител на вирусот и дека нејзиниот сосед се инфицирал при контакт со површините на лифтот во зградата каде двајцата живееле , напишале епидемиолозите, потенцирајќи како само еден асимптоматски случај може да доведе до широко распостранување на вирусот во заедницата.