Целото културно наследство, излетничките места и останатиот туристички потенцијал на Кавадарци и Тиквешијата до крајот на годината ќе бидат достапни на онлајн дигитална платформа. Се работи на нивна дигитализација, а целта е општината и регионот да го покажат потенцијалот пред светот и да привлечат странски туристи.
„Со помош на фондот за иновации ја добивме целосната документација и целосната технологија за изведба на ваков тип на проект. Кавадарци влезе во целиот проект како општина што се согласи и поддржа ваков тип на платформа. Целата платформа се темели на дигитализација и валоризација на културното наследство преку креирање на 3Д дигитални модели и аеро покриеност – фотограметри на целиот регион, кој ќе се шета од птичја перспектива. Издвојување на целиот регион во “Д и издвојување на секоја точка на интерес во 3Д. Целта на овој проект ни е да го подигнеме нивото на туризмот да ги привлечеме не само домашните туку и странските туристи, со тоа што преку добивање на секаков тип на информација преку овие модели тие ќе го препознаат потенцијалот и ќе сакаат да дојдат да го прошетаат физички“ вели Пенелопа Стаматовска од компанијата што го работи проектот.

Таа информира дека добиле поддршка од Повардарската епархија, општина Кавадарци но и други општини кои се запознаваат со овој проект.
„ Ние го добиваме проектот како донација, а наша обврска е понатаму да ја одржуваме платформата. Во иднина менаџментот на општината размислува и за втора и трета фаза каде би влегол и бизнис секторот со цел што по забрзан економски развој на градот“ вели раководителот на секторот туризам при општина Кавадарци, Крсте Соколов.
Тој нагласи дека ваквиот проект е од големо значење за општината, со цел своето богатство виртуелно да го промовира пред идните посетители.
Ангел Данов


