Вучиќ: Се трудам Србија да добие што повеќе, да изгуби што помалку и да врати дел од загубеното на Косово – ММС
ММС

Објавено на: 07/13/20 6:34 AM

Вучиќ: Се трудам Србија да добие што повеќе, да изгуби што помалку и да врати дел од загубеното на Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на видеосостанокот е договорено теми на состанокот на дијалогот со Приштина да бидат интерно раселените лица, исчезнатите и економијата. Тој повтори дека се труди Србија да добие што повеќе и да изгуби што помалку и да врати дел од она што во Косово го загубила од 2000 до 2012 година.

Вучиќ додаде дека претседателот на Франција и канцеларката на Германија се многу заинтересирани за решавање на проблемот, поради ривалитетот со Соединетите Американски Држави, но и затоа што знаат дека „замрзнатиот конфликт” не може да се држи засекогаш.

Претседателот на Србија рече дека во Европа секогаш доаѓа до вознемиреност кога некој ќе спомне повлекување на меѓународните трупи од Косово, бидејќи се грижат што ќе направат албанската, а што српската војска и дека судирите никому не му се потребни.

Говорејќи за 25-годишнината од геноцидот во Сребреница, Вучиќ рече дека Србија мора да покаже пиетет кон сребреничките жртви и дека тоа мора да го направи на вистински начин, бидејќи во спротивно, не може да бара почитување за своите жртви.

Тој рече дека во Србија мора да се говори „за ужасните злосторства во Сребреница и разбирањето на емоциите на Бошњаците”, бидејќи Србите имаат такви чувства кон злосторствата во Втората светска војна.

Запрашан за поделбите во Србија дали во Сребреница бил геноцид или не, Вучиќ рече дека ставот на Србија се знае, но дека одправната квалификација е поважно што луѓето искрено чувствуваат и дека Србија сака најдобри односи со Бошњаците.