Важноста на театарот не смее да се потценува, тој е гласен и бунтовен: Интервју со актерката Симона Спировска – ММС
ММС

Објавено на: 07/13/20 8:06 AM

Важноста на театарот не смее да се потценува, тој е гласен и бунтовен: Интервју со актерката Симона Спировска

Заснована на приказната за галебот Џонатан Ливингстон од новелата на Ричард Бах, претставата „Да ми го поздравиш и да ми го бациш“ неодамна го прослави четвртиот роденден. Режирана од Билјана Радиноска,  а одиграна од актерите Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски и Симона Спировска Костовска, оваа претстава заработи награди надвор од земјава, но нејзините изведби сега се на стенд бај. Ова го искористивме како повод за разговор со актерката Симона Спировска која во интервјуто за Македонскиот медиа сервис меѓу другото, дава свои видувања за театарот воопшто.

Неодамна навршија четири години од изведбата на претставата „Да ми го поздравиш и да ми го бациш“. Колку изведби имаше досега оваа претстава и какви пораки испраќате со неа за граѓанскиот активизам?

Мислам дека претставата е одиграна над 70 пати во овие 4 години (за точна бројка ќе мора да го прашам Филип, продуцентот). Во претставата не се спомнува конкретно Шарената револуција, но се опфаќа периодот непосредно пред. На 11 април почнаа протестите против аболицијата, кои после недела дена прераснаа во Шарена револуција. Иако да, во претставата се спомнува периодот кој се врзува со тоа протестно движење, таа најмногу зборува за желбата и потребата да се дофати слободата и пречките, кои можат да бидат општествени, но и многу лични. Затоа е уште актуелна. Зашто е уметнички бунт против корумпиран систем. Зашто е сета наша љубов кон театарот.

Во објавата на Фејсбук, посветена токму на четвртиот роденден на оваа претстава, меѓу другото велите „да живее театарот, во кој им се верува на актерите“! Што подразбирате под еден ваков театар и колку домашната публика им верува на актерите?

Подразбирам театар, во кој најважно е она што го кажува и чувствува актерот/актерката. Подразбирам театар во кој изведувачот имал целосна доверба од режисерот и конечно, подразбирам театар каде изведувачите не се срамат и плашат да им се доверат на гледачите и обратно.

Ова е инаку, само една од претставите на независниот театар Артопија, каде сте дел и самата. Како се роди потребата за да Вие и Вашите колеги творите и играте претстави независно од Вашите матични театарски куќи?

Сите кои сме дел од актерскиот тим на Артопија ( Бојан, Наташа, Нено, Мартин и јас) сме дел од ансамбл на ист театар. Во моментот во кој се соочивме со опасноста од забранување претстави во нашиот матичен театар (поради промена на раководството), со Билјана Радиноска направивме претстава за сите забрани. И така почна креативното постоење на Артопија, иако здружението е регистрирано два месеци пред почетокот на пробите за претставата.

Вработена сте во Театарот за деца и младинци во Скопје. Колку е предизвик да се игра пред една ваква публика? Дали и како посетата на театар може да придонесе во градењето и развојот на личноста, какви лекции може да научат децата од ваквата уметност?

Во Театарот за деца и младинци, покрај детските претстави, се работат и младински односно вечерни претстави. Сметам дека и едните и другите треба да едуцираат. Затоа е важен театарот. Зашто е гласен и бунтовен. А децата треба да ги учиме на емпатија. Тоа ни недостига, а театарот тоа може да го направи.

Актуелната пандемија со коронавирусот  неминовно се одрази и врз работата на уметниците. Дали овој период на изолација Ви послужи како инспирација за создавање на нешто ново?

Да, како инспирација секако, ама и како можност за преиспитување на сегашното место и важност на театарот. Важноста на театарот не смее да се потценува.

Вања Мицевска