Светски ден на населението – ММС
ММС

Објавено на: 07/11/20 9:20 AM

Светски ден на населението

Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА денеска го одбележува Светскиот ден на населението – 11 јули, 2020 година.

По тој повод свое обраќање преку пишана изјава имаше  Директорката  на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, д-р Наталија Канем, по повод Светскиот ден на населението со акцент на родовото базирано насилство.

„Мирот во нашиот свет почнува со мир во домот, изјави неодамна генералниот секретар на
Обединетите нации Антонио Гутереш во својот повик за глобален прекин на родово базираното
насилство, што претставува пандемија во рамките на пандемијата со Ковид-19.
Во текот на животот, една од три жени е жртва на физичко или сексуално насилство. Во
моментов, како резултат на мерките за карантин и зголемените тензии во домаќинствата, се
зголемува и родово базираното насилство, додека, пак, пристапот до здравствените услуги за
сексуално и репродуктивно здравје е отежнат поради тоа што здравствените системи се борат да
се справат со вирусот Ковид-19.
Огромен број луѓе, заедници и економии во светот се зафатени со кризата поради појавата
на пандемијата со Ковид-19. Сепак, сите не се подеднакво засегнати, односно од тоа што честопати
можеме да го видиме, оние коишто најмногу страдаат се жените и девојките.
Влијанието на Ковид-19, најверојатно, ќе ги отежне глобалните напори за постигнување на
трите „нули“ до 2030 година преку нашата работа во УНФПА – нула неисполнета потреба за
планирање на семејството, нула превентивна смрт на мајките и нула родово базирано насилство и
штетни практики против жените и девојките.
На пример, УНФПА предвидува дека пандемијата ќе го намали глобалниот напредок кон
ставање крај на родово базираното насилство во оваа деценија за најмалку една третина. Покрај
тоа, доколку ограничувањата на движењето продолжат за уште најмалку шест месеци, ќе
придонесат за големи нарушувања во однос на пристапот до здравствени услуги, односно 47
милиони жени во земјите со ниски и средни приходи може да бидат лишени од пристапот до
модерни контрацептивни средства, што резултира со несакана бременост кај седум милиони жени.
На Светскиот ден на населението нашето внимание е свртено кон ранливоста и потребите
на жените и девојките за време на кризата со Ковид-19, како и зошто заштитата на сексуалното и
репродуктивно здравје и права и ставањето крај на пандемијата со родово базирано насилство е
императив, особено во овој период кога се соочуваме со Ковид-19.
УНФПА работи на соодветно снабдување со современи контрацептивни средства и
производи за репродуктивно здравје, како и обезбедување соодветна лична заштитна опрема за
акушерките и другите здравствени работници на коишто им е потребна за да останат безбедни.
Ние сме охрабрени што досега 146 земји членки се пријавиле на повикот на генералниот
секретар да го остварат мирот во домот, на коишто целосно им се приклучуваме со цел да ги
поддржиме. Како дел од нашето справување со Ковид-19, ние воведуваме иновации за да
испорачаме далечински услуги, како што се телефонски линии, телемедицина и соодветно
советување, како и користење и прибирање распределени податоци со цел поддршка на владите
во врска со идентификување на оние на кои им е најпотребна.
Позитивните јавни пораки околу родовата еднаквост и родовите стереотипи и штетните
социјални норми со кои се соочуваме може да го намалат ризикот од насилство. Во ова, мажите и
момчињата можат и мора да бидат клучни сојузници.
Сексуалната и репродуктивната здравствена заштита претставуваат право, и како и
бременоста и породувањето, така и човековите права не запираат за време на пандемија. Затоа,
тоа што е потребно сега е заедно да придонесеме кон запирање на пандемијата и да го заштитиме
здравјето и правата на жените и девојките!
Ниту една организација или држава не може да го направи ова самостојно. Пандемијата
претставува потсетник за важноста на глобалната соработка. Обединетите нации, кои оваа година
ја одбележуваат својата 75-годишнина, се основани со цел да ја поттикнат меѓународната соработка
за решавање на меѓународните проблеми. Бидејќи глобалната заедница се соединува во
солидарност за да ја преживее оваа пандемија, ние ја поставуваме основата за поотпорни, родово
еднакви општества, како и поздрава, попросперитетна иднина за сите “ – стои во обраќањето Директорката  на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, д-р Наталија Канем.