Формата на Шведска и Јужна Кореја не ветува атрактивен фудбал, ремито најреален резултат – ММС
ММС

Објавено на: 06/18/18 12:36 PM

Формата на Шведска и Јужна Кореја не ветува атрактивен фудбал, ремито најреален резултат

По вчерашната победа на Мексико против Геманија, вториот меч од групата Ф помеѓу Шведска и Јужна Кореја доби дополнителна важност. Двете репрезентации ќе имаат императив победа со која би стигнале во одлична позиција да го изненадат фаворитот.

Швеѓаните стигнаа на Мундијалот со изненадување во баражот против Италија, додека кореанските репрезентативци беа сигурни во групната фаза од квалификациите. Нивната форма во последните неколку меча не ветува атрактивна игра и голови на денешната средба на  стадионот „Нижни Новгород“. Скандинавците ремизираа со идентични 0-0 против Данска и Перу во рамки од подготовките за СП, додека Јужна Кореја загуби од БиХ и Сенегал и ремизираше без голови против Боливија.

Најголем хендикеп за шведската репрезентација е отсуството на Златан Ибрахимовиќ, кој од оваа сезона настапува во МЛС, во екипата на Лос Анџелес Галакси. Меѓутоа, тука е ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Виктор Линделоф, како и главните напаѓачи Емил Форсберг и Маркус Берг кои ќе чекаат асистенции од Ола Тоивонен.

Кај противникот без никаков сомнеж прво име е напаѓачот на Тотенхем, Хеунг Мин Сон. Тој и неговите соиграчи сонуваат повторување на 2002 година и се надеваат на успехот на најдобрата генерација во нивната историја.

Ремито е најреалниот и најочекуваниот резултат, а Шведска ќе има блага предност кај обложувалниците.