Во конечниот извештај ќе ги вклучиме проценките од изборите и можните препораки, вели Лаима Андикиене од ОБСЕ/ОДИХР (ВИДЕО) – ММС
ММС

Објавено на: 07/11/20 10:30 AM

Во конечниот извештај ќе ги вклучиме проценките од изборите и можните препораки, вели Лаима Андикиене од ОБСЕ/ОДИХР (ВИДЕО)

Главен приоритет на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР е безбедноста на набљудувачите и граѓаните на земјата домаќин, во интервју за Канал 77 вели Лаима Андикиене, шефицата на Специјалната изборна оценска мисија на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори. Таа порача дека Северна Македонија треба да ја разбере важноста на овие избори и сега е вистинско време да покаже дека може да биде одговорна за организација, но дека ОДИХР не може да гарантира фер и демократски избори.

Радио Канал 77: Да ни ја објасните разликата меѓу овој вид на специјална мисија, со таа што вообичаено ја формира ОБСЕ/ОДИХР во предизборните и изборните процеси?

Лаима Андрикиене: Ова е набљудувачка мисија во специјални услови. Нашата мисија дојде во земјата во март поради најавените предвремени парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април, но поради пандемијата и рестрикциите на границите ОДИХР мораше да ја суспендира својата набљудувачка мисија. Сега сме повторно назад, за да продолжиме да работиме. Дојдовме на 27 јуни и ќе останеме подолго после изборниот ден.  Нашите експерти покриваат повеќе теми како изборната администрација, регистрација на гласачите, изборната кампања, финансирањето, медиумското покривање на кампањата, поплаки, спорови и механизмите за нивно разрешување како и целосната правна рамка за изборната кампања. Дополнително, што не е многу  често, имаме еден дополнителен елемент – сеопфатно следење на медиумите во однос на покривноста на капмањата и изборниот процес.  ОДИХР се адаптира на условите, ова го правевме и во Србија и Полска за нивните избори.

Радио Канал 77: Колку овој тип на набљудувачка мисија ќе може да даде релевантни резултати од изборите, со оглед на тоа дека изминатите изборни циклуси набљудувачката мисија беше во поголем обем?

Лаима Андрикиене: Како што споменав и претходно, ние мораме да се прилагодиме на ситуацијата. Главен приоритет ни е безбедноста на нашите набљудувачи и на граѓаните на земјата домаќин. Нашите патувања се ограничени, но сепак патуваме. Јас минатата недела бев во Тетово, од утре ќе патувам во повеќе општини. Ние веќе почнавме да работиме и ќе работиме се’ до денот на изборите на сите овие елементи, кои веќе ги спомнав како и во нормални изборни процеси. На денот по изборите ние ќе објавиме прелиминарна изјава за нашите наоди и ќе имаме прес конференција за медиумите за да ги презентираме пред јавноста. Околу осум недели по изборниот ден ќе објавиме конечен извештај, кој што ќе ги вклучува нашите проценки и можните препораки. Мислам дека е мошне значајно да се разбере и да се истакне дека мисијата на ОДИХР не може да гарантира фер и демократски избори. Северна Македонија е суверена земја и членка на НАТО од март, очекувате пристапни преговори со Европската Унија и треба да се разбере важноста на овие избори за земјата и сега е вистинското време да покажете дека земјата може да биде одговорна за организација на едни фер и демократски избори.

Радио Канал 77: Веќе е највен прелиминарниот извештај за денот по гласањето, односно 16 јули. Што ќе може да очекуваме од работата на оваа мисија?

Лаима Андрикиене: Не можам да споделам наоди од досегашното набљудување, бидејќи се’ уште е рано. Не можам да ви кажам какви се нашите досегашни проценки или какви ќе бидат. На 16 јули нашите наоди ќе може да се дознаат на пресконференцијата. Во прелиминарната изјава ќе ги објавиме наодите од набљудувањето и да се потсетиме на течењето на изборниот процес, а во конечниот извештај ќе ги вклучиме не само нашите проценки туку и можните препораки.

Радио Канал 77: Каков е досегашниот тек на предизборната кампања?

Лаима Андрикиене: Ние имавме средби со лидери  и менаџери на кампањи од сите поголеми политички партии и со сите од нив разговаравме за исти работи.  Исто така имавме средби со различни невладини организации, кои што се вклучени во набљудувачкиот процес како МОСТ, Цивил и слични, но и со такви кои работат во полето на заштита на човековите права, правата на малцинствата и етничките права. Сите овие соговорници ни помогнаа да добиеме поширока слика за изборниот процес. Ние сме свесни за правната рамка и дека таа е различна од претходните избори, кои беа во декември 2016 година, но и за измените кои беа направени еден ден пред да се распушти Собранието во февруари 2020. Целиот процес е комплексен и не сум спремна да споделам првични проценки. Важно е да се спомене дека изборниот ден е многу важен, но тоа не е единственото нешто на кое се фокусираме, бидејќи целиот изборен процес е исто толку важен како и самиот изборен ден.

Радио Канал 77: Каков е предизвикот на институциите да се организираат избори во услови на Ковид-19, од аспект на излезноста на граѓаните, кои во истражувањата на јавното мислење, искажуваа скепса од излегувањето на гласачките места и доза страв од корона вирусот?

Лаима Андрикиене: Пандемијата со коронавирусот и рестрикциите наметнаа големи предизвици за сите засегнати страни во изборниот процес, вклучувајќи ја изборната администрација, самите учесници и сите кои се вклучени во изборниот процес. Во нашиот случај ние сме со ограничени патувања, бидејќи сакаме да го сведеме на минимум нашиот епидемиолошки отпечаток во земјата, затоа што приоритет е здравјето на набљудувачите и граѓаните на оваа земја.  Работењето, но и самото живеење во вакви услови претставува предизвик.

Во однос на излезноста на изборите … излезност во вакви услови имаше и во Србија и Хрватска.  Она што го видовме во Србија беше нешто над 50 отсто излезност, во Хрватска беше 46 отсто – нешто помалку од вообичаено, но сепак ова е добра бројка со оглед на ситуацијата.  Ќе видиме што ќе се случи.  Ние строго ги почитуваме вашите национални здравствени протоколи и поради тоа моравме да ги ограничиме нашите патувања и да ги исполниме сите барања.  Сега ние имаме интервју и јас не се чувствувам неудобно што мора да носам маска и да зборувам, но тоа го налагаат правилата и мора да ги следиме, како и социјалната дистанца и се’ друго што е препорачано.

Радио Канал 77: Прашање надвор од темата: Бевте три мандати во Европскиот Парламент – што и’ претстои на Северна Македонија во периодот што следи на патот кон Европската Унија – ова од апсект на литванското искуство?

Лаима Андрикиене: Јас доаѓам од Литванија и членовите на нашиот оценувачки тим се од различни држави – имаме од девет земји членки. Заменик шефот на мисијата е од Полска, потоа имаме аналитичари експерти од САД,  Обединетото Кралство, Унгарија, Белорусија, Украина, Киргистан и други. Европскиот Парламент сега е позади мене и мое минато бидејќи мојата служба таму заврши пред една година. Јас дојдов во Парламентот кога мојата земја Литванија и’ се приклучи на Унијата во 2004 година и можеби ќе споделам малку повеќе отколку што треба, но вие не можете да замислите колку високо на политичката агенда на Европската Унија е вашиот регион и вашата земја. Ние сме свесни дека вашата земја е кандидат за влез уште од 2005 година и дека сакате да ги започнете пристапните преговори. Секако дека имате противници и сојузници во Унијата. Истите аргументи за вашата земја можат да бидат искористени во ваша цел или против вас.  Генерално, аргументите за вашата земја се однесуваат на вашите соседи – добрососедските односи, потоа владеењето на правото – судскиот систем и судовите и секако борбата против корупцијата и перењето пари. Знам и дека има и луѓе кои се за влез во Европската Унија и некои кои скептично гледаат на тоа, и тоа е секаде така. Ви посакувам среќа во исполнувањето на вашите цели и се надевам на фер и демократски избори.