Играјте оро како човек, вирусот е прогласен за мртов, герила акција алармира за несовесните постапки на граѓаните – ММС
ММС

Објавено на: 07/10/20 10:21 AM

Играјте оро како човек, вирусот е прогласен за мртов, герила акција алармира за несовесните постапки на граѓаните

Неформалната група Арт Активизам од Тетово преку новата герила акција алармираше за несовесните постапки на дел од граѓаните кои во време на светска пандемија не ги почитуваат мерките за спречување на ширење на коронавирусот и организираат свадби во дворови без никакви протоколи за заштита.

-Целта на оваа акција е да се подигне јавната свест кај граѓаните за почитување на мерките, да бидат одговорни, солидарни, а се со цел да го заштитиме колективното здравје во нашиот град. Масовните веселби сепак да ги оставиме за некои подобри времиња, велат од Арт Активизам.

Тие поставија фигури од младоженци и покана за свадба во кои се иронизираат несовесните постапки на свадбите, кои и покрај препораките на здравстените власти се одржуваат со стотици гости, без маски и без одржување на растојание.

-Владата забрани јавни масовни собири, а тука спаѓаат и приватните собири за одбележување на семејната радост или тага. Се затворија рeстораните кој функционираат само за свадбени прослави, а истите работат со доставување на храна по дома. Но оваa не е пречка за младоженците Вирус и Корона, кои во весела атмосфера во центарот на градот ја одбележаа нивната љубов со огромна свадба. На свадбата се поканети  над 300 гости, кои мораат да го почитуваат кодот на облекување – маски кои треба да ги држат на рака а не на лице, а истите да се комбинирани со облеката. „Да играте оро како човек, вирусот го снема – тој е прогласен за мртов„- пишува на поканата за свадба која е поставена во центарот на градот, од страна на младите активисти од Тетово.