Веќе неколку дена на социјалните мрежи е актуелен предизборниот спот на ВМРО ДПМНЕ, во кој се појавуваат лекари од јавното здравје, кои кажуваат за каков здравствен систем се залагаат. На крај спотот завршува со пораката од изборната кампања на коалицијата „За обнова на Македонија“. Од 12-те лекари кои се појавуваат во спотот, десетмина се од јавното здравство, од кои девет се специјалисти од Клиничката болница и еден лекар од Итната медицинска помош, која работи во рамки на Здарватвениот дом во Штип. Двајца од овие лекари се поранешни директори на болницата и началници на одделенија, во време кога ВМРО ДПМНЕ ја имаше централната власт.
Бројни се коментарите по појавата на спотот, но на најжестока критика наиде кај актуелниот директор на Клиничката болница, Ален Ѓеоргиејев, кадар на СДСМ.
-Неспорно е правото на докторите да се појават во спотот, меѓутоа, спорно е од етички апсект, со оглед дека нивните колеги дуплираат смени, во справувањето со Ковид 19. Јас потсетив на тоа дека во време на претходната власт, кога не смееја ни да прашаат за неисплатените додатоци на плата и надоместоци, кои кога СДСМ дојде на власт уредно им ги исплати на сите до еден, изјави Ѓеоргиејев.
Од друга страна, меѓу реакциите во јавноста беше и прашањето за евентуалното користење на јавни ресусрси, во случајов, простории на болницата за снимање на спотот. Во видеото докторите во бели мантили се појавуваат во ординации, со соодветна медицинска опрема.
-Спотот е снимен надор од болницата, во приватна ординација и во соодветна канцеларија и е со цел да упати порака каков здравствен систем сакаме, изјави Иван Јорданов, општински координатор на ВМРО ДПМНЕ и кандидат за пратеник од Изборната единица број три.