НА ДЕНЕШЕН ДЕН: „Добриот“ Матераци, „лошиот“ Зидан и „грдата“ завршница во Берлин – ММС
ММС

Објавено на: 07/9/20 2:34 PM

НА ДЕНЕШЕН ДЕН: „Добриот“ Матераци, „лошиот“ Зидан и „грдата“ завршница во Берлин

После Грција на Европското првенство две години претходно, се чинеше дека во очите на фудбалската јавност долго време нема да се појави некој „непопуларен“ победник. Своевиден негативец, фигуративно гледано. Ригидниот и невообичаениот стил и начин на игра на нашите соседи, добар дел од наутралното гледалиште го натераа да му ја залепи етикетата „анти-фудбалски“ на Грција, иако тој термин суштински е бесмислен. Му се допаѓало тоа некому или не, пристапот на Ото Рехагел и грчката фудбалска репрезентација беше легитимен и оставаше простор на опонентите да се обидат да го поразат.

Во 2006 година, неможејќи никој да претпостави дека „оштетената“ Италија од Светското во Кореја и Јапонија, која ја разбуди емпатијата во фудбалските фанови и Италија со врвни фудбалски имиња во својот состав, ќе стане омразената во сечии навивачки мемории и приказни.

Финалето на Светското првенство во 2006 година на „Олимпискиот стадион“ во Берлин, претставува раритет и тоа не само поради возбудливиот финиш, туку и поради фудбалските, помалку фудбалските и во целост нефудбалските елементи.

Нефудбалскиот елемент највеќе се огледува во приклонувањето на набљудувачите кон „насилникот“, а не кон „жртвата“. Да, не постои љубител на фудбалот, дури и ако во пасошот во полето за националност му пишува „Италијанец“, кој во таа 2006 година, а и од оваа временска дистанца, ќе каже „Жал ми е за Марко Матераци, навистина ми е жал, тој не го заслужи тоа“. Секако, актот на Зинедин Зидан во финалето не може никако да се оправда, ниту пак се обидуваме да пронајдеме алиби за такви нефудбалски, насилнички акт но…

 

Италија и Франција на турнирот во Германија не беа главни фаворити за освојување на златото. Составите на Рејмон Доменех и Марчело Липи изобилуваа со феноменални фудбалери, навистина. Секој од нив главна ѕвезда на својот матичен клуб, секој од нив со оставен посебен белег во светот на фудбалот. Како по навика, а таа навика треба секогаш да ни биде показател дека Италија е сериозна во намерата да направи нешто повеќе, Италија со огромни тешкотии ги помина групите. И тоа во не толку силна конкуренција со Гана, Чешка и САД. Натпреварите со Гана и Чешка завршија со два гола предност за Италијанците, но лесно можеа да фатат и друг терк, доколку напаѓачите на овие две репрезентации беа попрецизни. Нерешениот резултат со САД, дополнително ги поколеба амбициите на екипата на Липи.

Французите, некарактеристично за нив, бидејќи или убедливо се „шетаат“ низ групата, или испаѓаат од неа, овојпат со само еден бод предност прет третопласираната Јужна Кореја, успеаа да фатат приклучок за нокаут фазата. Освен победата со аутсајдерот Того, Франција забележа два нерешени исходи со првата Швајцарија и Јужна Кореја.

Како што одминуваше време, така паѓаа сите фаворити. Патот на Французите до финалето беше потрнлив, Шпанија во 1/8 финалето, Бразил во 1/4  финалето, Португалија во 1/2 финалето. На сите три соочувања, француската одбрана прими само еден единствен гол и тоа против Шпанија. Сцената беше поставена за последниот голем турнир и последниот настап за националната селекција на големиот Зинедин Зидан. Се чекаше противникот во финалето, прогнозерите велеа Германија, Алесандро Дел Пиеро не мислеше така.

Марко Матераци го собори во шеснаесетникот Флорен Малуда, а Елизондо не размислуваше премногу и свирна пенал за Франција во седмата минута. Кој друг, ако не тој? Зидан мирно го реализираше ударот од белата точка и му донесе водство на својата репрезентација. Неверојатен е фактот што овие две имиња, Марко Матераци и Зинедин Зидан, постојано се испреплетуваат во „Берлинското финале“, дури и пречесто, да помисли човек дека тие 120 минути се одлично режирани од страна на некој филмски режисер, некој Серџио Леоне, земајќи ја предвид тензијата што лебдеше во воздухот. Во ред, ова беше симулација, да видиме како ќе реагирате. А сега вистинското финале.

Финалето беше вистинско и единствено. Марко Матераци и Зинедин Зидан влегоа во историјата и беа учесници на еден од најголемите и најзначајните спортски моменти воошто случени. Централниот дефанзивец на Интер брзо се искупи за сторениот пенал и во 19-та минута го совлада Фабиен Бартез и израмни на 1:1. Матераци еден, Зидан еден. Мечот отиде во продолженијата, откако ниту едните, ниту другите постигнаа погодок вреден позлатен трофеј во регуларниот дел.

Десет минути до истекот на продолженијата во кој Франција беше подобриот противник. Италијанската гранитна одбрана на чело со подоцнежниот освојувач на „Златната топка“ на УЕФА, Фабио Канаваро, успеваше да одолее на налетите на Анри, Малуда, Трезеге, Зидан и Рибери.

Kaдарот на режисерот ни долови ситуација во која главните арбитри на финалето се консултираат околу некаква одлука која на крајот заврши со црвен картон и исклучување на француски фудбалер. Зинедин Зидан, човекот кој низ неговата долгодоишна фудбалска кариера, надвор и во теренот манифестирал посебно џентлменство и класа (нешто кое можеме да го забележиме и сега во улогата на тренер на Реал Мадрид), со глава и навидум без никаква причина го удира во градите Марко Матераци. Најмал проблем претставуваше одигрувањето на преостанатите десет минути до пенал серијата за Франција. Италијанците немаа интенција да нападнат. Отсуството на Зинедин Зидан значеше и отсуство на лидер на теренот, до и во пенал серијата. Неговото отсуство значеше и еден помалку квалитетен изведувач на пенали. Хипотетички, доколку Зидан не беше исклучен, можеби тој ќе го шутираше пеналот наместо Трезеге и можеби Франција повторно ќе беше светски првак. Знаевме дека мора да се работи за нешто сериозно навредиво, штом мирниот темперамент на Зидан беше инстантно распламтен. Неколку месеци потоа, пошироката јавност откри дека Матераци му кажал низа навредливи зборови на средњакот на Реал Мадрид, на сметка на неговото потесно семејство.

Судбината на Марчело Липи и фантастичната генерација на италијански фудбалери беше во рацете, или посоодветно, во левата нога на Фабио Гросо. Кога Липи го избрал него за шутер во серијата, Гросо се фатил за глава и прашал „зошто јас“.

Радувањето на Гросо неколку моменти подоцна ќе го паметат сите. Неизоставен сегмент од секоја шпица за Светско првенство и од колективното сеќавање на целата италијанска нација. Ќе се памети, за жал, ударот со глава на Зидан, но не на топката и во мрежата на Буфон, туку во градите на Марко Матераци. Ќе се заборави за жал и неговата симултанка против Бразил, неговиот пенал во финалето и „носењето на грб“ и по неколку фудбалери од Италија.

На денешен ден, деветти јули, 2006 година во Берлин, Италија стана светски првак, водејќи се по премисата на нивниот сонародник: „целта ги оправдува средствата“. На крајот од денот, светот ги памети само победниците. Потегот во финалето на Зидан нема да ја збрише тукутака неговата феноменална кариера и победничкиот дух, ама со сигурност ќе остави неизбришлива дамка во неговотa пребогата биографија и горчкив вкус на неговите соиграчи, Французите, неговите фанови.

 

 

Фото:

youtube.com / gettyimages.com /planetfootball.com / twitter.com

 

Давор Јосифоски