Пред Собранието изутринава мирно, сообраќајот нормализиран – ММС
ММС

Објавено на: 06/18/18 7:18 AM

Пред Собранието изутринава мирно, сообраќајот нормализиран

Пред Собранието на Македонија изутринава е мирно по синоќешните насилни протести. Барикадите се остранети, а сообраќајот по улиците околу собраниската зграда се одвива нормално. Забележливо е помало полициско присуство. 25 демонстранти се приведени, а седум полицајци и две жени завршија со повреди за време на протестите и според информациите од ургентниот центар сите се со полесни телесни повреди.

Полицајците имаат повреди од типот на исеченици или повреден скочен зглоб, а цивилите, кои се жени, се со рани од експлозивни направи. Од неколку демонстранти нападнат е и снимателот на Еден ТВ.

Протестите беа организирани преку социјалните мрежи поради догворот кој вчера го потпишаа Македонија и Грција со кој се реши 27-годишниот спор за името. Насобраните протестираа пред Собранието, а два кордона полицајци го чуваа законодавниот дом. Од двете страни имаше групи кои им довикуваа на полицајците, и по нив, а и кон собранието фрлаа камења, дел од нив употребиле распрскувачки средства и насилно ја турнале заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата уопотреби солзавец, соопштија доцна синоќа од МВР.

Од МВР најавија дека повеќе информации за вчерашните случувањата пред законодавниот дом ќе бидат соопштени во текот на денов.