БиХ: Од Високо испратени ковчезите на жртвите од геноцидот во Сребреница – ММС
ММС

Објавено на: 07/9/20 12:56 PM

БиХ: Од Високо испратени ковчезите на жртвите од геноцидот во Сребреница

Тажна колона со ковчези на девет сребренички жртви кои на 11 јули оваа година ќе бидат закопани во гробиштата на Меморијалниот центар „Сребреница – Поточари“, е испратена утринава од просториите на Јавното комунално претпријатие „Градски гробишта“ – Високо, јавува агенцијата Анадолија.

Пред заминувањето на колоната, семејствата на жртвите и граѓаните на Високо, со молитви и положување цвеќе на три комбиња, оддадоа почит и ги испратија останките на жртвите од геноцидот во 1995 година, кога единици на тогашната Војска на Република Српска под команда на обвинетиот од Хаг, Ратко Младиќ, убија повеќе од 8.000 Бошњаци на повеќе локации на подрачјето на Сребреница.

Членовите на семејствата и граѓаните со солзи во очите, видливо потресени, носејќи рози во рацете, го испратија конвојот на ковчезите на жртвите од најголемите масовни страдања во Европа од Втората светска војна, геноцидот во Сребреница, кој се случи на 11 јули 1995 година.

Меѓу присутните беше Менсура Алиќ која дојде да оддаде почит на сребреничките жртви, иако таа оваа година нема никого да закопа.

„Тука нема никој мој, но сите се наши. Нема никој од моето семејство. Закопав голем број членови од потесниот и поширокиог круг од семејството. Од дома, четворица“, порача Алиќ.

Секоја година е во Високо на испраќање на жртвите од сребреничкиот геноцид.

И Идриз Бегиќ денеска беше во Високо на испраќање на неговите соседи.

„Во моето село, седум лица го преживеаја геноцидот. Сè беше убиено. Излишна е секоја приказна. Има 20 километри од сосед до сосед. Погребав први братучеди од страна на тетка ми. Денеска сум тука поради соседите“, рече Бегиќ.

Кенан Каравдиќ, директор на ЈКП „Градски гробишта“ – Високо, потсети дека оваа компанија од 2003 година е вклучена во организирање и погребување на сите жртви на Сребреница од 1995 година.

„Многумина се прашуваат зошто колоната секогаш започнува од Високо. Првите ексхумирани жртви на Сребреница, штом започна процесот на ексхумација и идентификација, беа донесени во Високо. Кај нас беа чувани телата додека не се направи лабораторијата во Тузла“, изјави Каравдиќ.

Како што изјави тој, оваа година поради пандемијата на Ковид-19, ова е најмал број на идентификувани.

„Како што велам, ова е најтажниот погреб досега, затоа што многу семејства не беа во можност да ги погребаат своите најблиски“, рече Каравдиќ.

Тажната колона на патот кон Поточари кратко ќе се задржи во Илијаш, а по тоа и во Вогошча. Треба да биде пред зградата на Претседателството на БиХ. Ќе биде и пред Градското собрание, каде што ќе се оддаде почит на жртвите од сребреничкиот геноцид.

Конвојот со ковчезите на жртвите треба да пристигне денеска околу 16 часот во Поточари, каде што на 11 јули ќе се одржи колективната погребна молитва и ќе се изврши погреб.

Градоначалничката на Високо, Амра Бабиќ, во своето обраќање пред присутните рече дека денеска, од истото место, по дваесетти пат, испраќаат тажна поворка на идентификуваните граѓани на Сребреница на нивното последно патување – патот до гробиштата во Поточари.

„Што да кажам во деновите кога ја одбележуваме 25-годишнината од геноцидот? Дали треба да зборуваме за правда, за пресудите на Хашкиот трибунал, за неидентификуваните тела, за неоткриените гробови, за семејствата расфрлани низ целиот свет?“, рече Бабиќ.

На 25-годишнината од геноцидот во Сребреница на гробиштата на Меморијалниот центар ќе бидат закопани 9 жртви.

На гробиштата на Меморијалниот центар Поточари оваа година ќе бидат закопании: Сеад (Хусо) Хасановиќ, роден во 1971 година во Кривача; Алија (Бекто) Суљиќ, роден во 1969 година во Познановичи; Хасан (Алија) Пезиќ, роден во 1925 година во мстото Пустоше; Хасиб (Шабан) Хасановиќ роден во 1970 година во Слатина; Зухдија (Суљо) Авдагиќ роден во 1947 година во Нова Касаба; Бајро (Рамо) Салиховиќ роден во 1943 година во Волјавица; Ибрахим (Хамид) Зукановиќ, роден во 1941 година во Сасама; Салко (Ахмо) Ибишевиќ роден во 1972 година во Љубовија и Кемал (Хусеин) Мушиќ, роден во 1968 година во Глогова.