40 бизнисмени и функционери добија кривични прјави од Боки 13 – ММС
ММС

Објавено на: 07/9/20 1:02 PM

40 бизнисмени и функционери добија кривични прјави од Боки 13

Бојан Јовановски, кој беше осуден на девет години затвор за случајот „Рекет“, денеска од истражниот затвор „Скопје“ беше спроведен во Основното Јавно обвинителство каде поднесе десетина кривични пријави.

Јовановски преку соопштение рачно напишано на осум страници ја информира јавноста дека пријавите во Обвинителство се однесуваат на носителите на јавни функции, членови на нивни семејства и бизнисмени. Според него тие треба да одговараат за злоупотреба на службена должност, измама и давање лажен исказ, а станува збор за околу четириесетина граѓани.

Јовановски се надева дека ќе се процесуираат пријавите за крвичните дела, а поради тајност на постапката не ги соопштува имињата против кои ги поднесува пријавите, вели ќе ја почитува постапката но бара и обвинителството да постапува по неговите пријави. Во соопштението тврди дека е мета на тортура и уцена, но не се плаши и ќе се бори за вистината.

Бојан Јовановски во соопштението вели дека нема да застане во борбата за откривање на вистината за „Рекет“, за него, за многу други случаи во државата, како и за односот и злоупотребите од политичарите за кои Јовановски тврди дека има несоборливи докази.

Бранителот на Јовановски, адвокат Сашо Дуковски, изјави дека очекува Обвинителството откако ќе биде завршено документирањето на случаите да отвори предмети по поднесените кривични пријави.

– Одговорно ви тврдам дека нема да ме спречат во што и да сакаат да применат и било кои методи на уцени и на закани. Единствено ќе ме спречат доколку ме лишат од живот, односно доколку посегнат по мојот живот, вели Јовановски во писмото.

Бојан Јовановски-Боки 13, е обвинет на девет години затвор со неправосилна пресуда за случајот „Рекет”, каде што е обвинет за „примање награда за противзаконито влијание” и за „перење пари”, заедно со поранешната СЈО Катица Јанева, која доби затворска казна од седум години за „злоупотреба на службена положба и овластувања”. Против Јовановски и петмина други се води и уште еден предмет за „измама” и „перење пари” преку невладината организација „Меѓународен сојуз”, чиј основач е тој.