Измена и суштинско дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните во првата година од мандатот на новата влада, законска забрана за еутаназија како механизам за справување со бездомната популација животни и инволвирање на здруженијата воуправувањето и работењето на стационарите и забрана за употреба на коњи/копитари во урбана средина. Ова се само дел од барањата кои активистите за права на животните денеска јавно ги упатија до сите учесници на предвремените парламентарни избори. Во соопштението до јавноста на оваа тема, активистите наведуваат дека сакаат Влада што ќе биде во служба и на луѓето и на животните.
Со дистанца од речиси 4 години, иако нашите барања беа дословно прифатени во програмата на Владата на РМ (мандат 2017-2020) при што беа писмено ветени сериозни придобивки за животните, констатираме дека не се направени никакви суштински подобрувања, системски промени изостануваат во целост – забележува Здружението Анима мунди.
Оттаму во низата барања се и следниве предлози: ограничување и контрола на слободната продажба на високотоксични материи, кои се злоупотребуваат за труење на животни и со чија примена силно се загрозува и безбедноста на граѓаните, забрана за употреба на коњи/копитари во урбана средина, зголемување на казната за мачење на животно во рамки на Кривичниот закон на РМ, запирање на субвенционирањето, а со тоа и поттикнувањето на сточарството и индустриското фармство, но и воведување на растително мени како опција во сите јавни институции – здравствени и образовни установи (болници, градинки, училишта, студентски домови и сл) и друго.
Здружението „Анима мунди“ апелира до политичките субјекти да ги третираат животните на начин што ќе овозможи нивна поголема заштита и благосостојба.