Домот на култура во Ченто доби мурал – „Солидарноста е темел на иднината” – ММС
ММС

Објавено на: 07/8/20 4:58 PM

Домот на култура во Ченто доби мурал – „Солидарноста е темел на иднината”

Домот на култура во Ченто доби мурал кој ја носи пораката – “Солидарноста е темел на иднината”, информираат од Општина Гази Баба. Автор на муралот е младиот уметник Владимир Милиќ и е во продукција на ФР~У во партнерство со Акто Фестивал, невладината Културно Ехо, општина Гази Баба и Град Скопје.

– Пораката која ја носи ова дело ја отсликува токму нашата општина, по поплавата во 2016 година беше пример за солидарноста од целата наша држава, од сите граѓани, кои со денови помагаа во расчистување на штетите и донираа вода и храна за семејствата. Општина Гази Баба и во иднина ќе поддржи вакви проекти каде млади ентузијасти и таленти ќе можат да творат, оставајќи дела и проекти кои ја разубавуваат општината, се вели во соопштението на Општина Гази Баба.

Идејата пак, за мурал во Ченто е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, но и во насока на зачувување и ставање во функција на домот на култура во населбата. Муралот е развиен како неколкумесечен процес на работа на уметникот Владимир Милиќ од Ченто со пошироката локална заедница и се однесува на потенцирање на важноста на солидарноста.