По вчерашната герила акција во Охрид и Струга, карванот на Државната изборна комисија денеска беше во Тетово и Гостивар. Кампањата „Ти си на ред” на ДИК за претстојните Предвремени парламентарни избори 2020 изобилува со совети за заштита и превенција на граѓаните од корона вирусот во текот на гласањето.
Целокупната кампања е насочена кон пораки за заштита на граѓаните, како што се „Заштити се себеси и другите” и „Гласај безбедно”.
– На плоштадите во Тетово и Гостивар, беа поставени препознатливите големи поставки од големо стаклено ѕвоно и гел за дезинфекција со цел да им се приближат пораките за безбедно гласање до гласачите. Случајните минувачи добија едукативни брошури и флаери со насоки за безбедно гласање.
Герила акцијата опфаќа и безбедносна брошура којашто содржи гел за дезинфекција и маска за заштита од корона вирусот, со точни насоки за нивна правилна употреба.
– Државната изборна комисија за првпат ја воведува оваа герила акција, а е и една од првите државни институции којашто ги едуцира луѓето во насока за заштита од коронавирусот во својот домен на работа. Покажаната грижа за здравјето за непречено искористување на демократското право на глас на граѓаните ја одликува ДИК со одговорност и професионалност во работењето. Државната изборна комисија постави нови стандарди во функционирањето на државните институции во време на корона вирусот, истакуваат од ДИК.