Одложена манифестацијата „Галичка свадба“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/7/20 3:16 PM

Одложена манифестацијата „Галичка свадба“

Соочени со предизвикот на Ковид-19 и во интерес на заштита на јавното здравје како врвен приоритет, Советот на Месна заедница Галичник донесе одлука да го одложи одржувањето на годинешната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“, која традиционално се одржува кон средината на месец јули, за време на верскиот празник Петровден.

„Разговаравме долго, го обезбедивме традиционалното покровителство на Свадбата од Претседателот на државата, се консултиравме со стручни лица од областа и со Комисијата за заразни болести, развивме сеопфатен протокол, но сфативме дека со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, манифестацијата „Галичка свадба“ не треба да се одржи на Петровден. Будно ќе ги следиме состојбите и препораките и се надеваме дека Свадбата ќе ја одржиме наскоро. Прилагодувањето е одлика на умните и истрајните, на тоа нѐ учи и природата. Со одредени прилагодувања на секојдневието, тоа ќе врви, ќе може да ги правиме нештата кои ни го прават животот вреден за живеење, а болеста ќе има малку или никакви шанси да нѐ допре“, информираат од организацискиот тим на Месната заедница Галичник.

Од организацискиот тим на манифестацијата потенцираат дека доколку се создадат сите неопходни услови, годинешната Галичка свадба може да се одржи за време на  големиот празник Пресвета Богородица, односно на 28 август.