Десет семејни винарии од Кавадарци запишани во регистарот на производители на вино – ММС
ММС

Објавено на: 07/7/20 1:14 PM

Десет семејни винарии од Кавадарци запишани во регистарот на производители на вино

Десет мали семејни винарии од Кавадарци денеска добија решение со кое се запишани во регистарот на производители на вино во земјава. Сега,  своето производство овие производители ќе можат легално да го продаваат како во трговската мрежа, така и во угостителските објекти. Во здружението „Тиквешки семејни винарии“ членуваат триесетина семејни винарии,  кои веќе го потврдија квалитетот на своето домашно производство.


„ Ние како членови на „Тиквешки семејни винарии“ ја имаме таа чест да бидеме првите кои се упишавме во регистарот на производители на вино со измените на законот за вино кој се направи минатата година,  а подоцна и со измени на под законските акти во законот за вино. Следуваше измена на правилникот  од Агенцијата за храна и ветерина,  околу условите за домашно или традиционално производство на традиционални производи од растително потекло. Тоа е многу битен момент,   што ни овозможи денес да бидеме регистрирани во регистарот на производители на вино. Исто така позитивно влијаеше и намалувањето на таксата на ДИЗ од 10.000 на 1500 денари. Се  надевам дека во иднина ќе имаме уште по плодна соработка и финансиска поддршка од МЗШВ како грант во износ од 10.000 евра, средства кои се неопходни,  да можеме како мали семејни винарии во иднина да се развиваме на едно повисоко ниво“ изјави претседателот на здружението, Горан Јаковлевски.

Решенијата на малите производители на вино им ги врачи министерот за земјоделство, Трајан Димковски, кој нагласи дека во Тиквешкиот регион се произведуваат најквалитетните вина, бидејќи регионот се наоѓа на иста географска должина како Тоскана во Италија и Бордо во Франција. Според него, најголемата тајна на вкусовите на македонските вина е сонцето, кое му дава специфика на секое зрно грозје и придонесува за производство на комплексни вина со иразена ароматичност и карактер.

„На барањето на мали семејни винарии,  во чија традиција е производството на вино,   изминатиот период направивме неколку измени на закон и под законски акти меѓу кои е измената на правилникот за висината на надоместокот за извршени работи на ДИЗ,  со што се олеснија условите за упис во регистар на производители на вино на физички лица и мали вински визби. Малите винарници со капацитет до 30 илјади литри вино годишно, наместо да плаќаат 10.000 илјади денари надоместок за регистрација,  сега плаќаат само 1500 денари. Токму намалувањето на трошоците за регистрација беше еден од мотивите многу физички лица кои во домашни услови произведуваат вино да почнат да се регистрираат, а со тоа на легален начин да го пуштат во промет произведеното вино“ изјави Димковски.

Според проценките на Државниот инспекторат за земјоделство, во текот на оваа 2020 година, би се регистрирале 40 физички лица и мали производители, во следната 30, а во третата година 20,  со што се очекува прилив на средства во буџетот на инспекторатот во износ од 135.000,00 денари за овие три години.

Ангел Данов