Договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција се составен дел на преговарачката рамка на ЕК за Северна Македонија и Албанија, изјави бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за нашата земја Илхан Ќучук.
Тој појаснува дека во рамката на ЕУ за С.Македонија не постои експлицитен текст во кој се инсистира на продолжување на работата на Заедничката бугарско – македонска комисија за историски прашања.
– Во текстот не се оди многу во детали. Не е обврска на Европската комисија детално да пишува, особено во таков рамковен документ, како ќе бидат решени билатералните спорови меѓу двете страни. Принципиелна позиција е да се почитуваат добрососедските односи и во тој контекст да продолжат започнатите разговори, изјави Ќучук за Бугарската национална телевизија.
Според него, владеењето на правото ќе биде приоритет во текот на преговарачкиот процес.
– Сите преговарачки поглавја ќе бидат затворени кога ќе се исполни основниот критериум – владеење на правото. Државите членки на ЕУ сакаат гаранции од земјите со кои се водат преговори, вели Ќучук.
Во контекст на изборите во Северна Македонија, тој забележува дека за разлика од претходните изборни процеси, овојпат темата Бугарија не е најважното прашање во домашниот политички дискурс.
– Основно прашање меѓу политичките сили во оваа кампања е дали земјата треба да се врати назад три години. Еден дел од политичката елита во Република Северна Македонија ја поддржува оваа теза. Друг дел вели дека иднината на земјата е во ЕУ и работи на спроведување на реформите преку активна политика во соработка со партнерите и почитување на добрососедските односи. Во името на европската иднина на земјата и во името на идните генерации, прават политички жртви, изјави Ќучук.
Тој ги повика политичарите во Северна Македонија да направат се што е можно за да привлечат што повеќе граѓани да гласаат за нивните политички платформи и кандидати, со цел да се создаде владејачко мнозинство кое ќе биде политички одговорно и ќе има јасен приоритет поврзан со европската иднина на земјата