Колку е тешко да се дефинира харизмата најдобро е прикажано со нејзиното народно име – „она нешто“ или познатиот „икс фактор“. Харизмата ја сметале за „подарок на милоста“, нешто што само боговите би можеле да го дадат на мал број луѓе. Привилегијата да биде еден од тие малкумина ја имаше поп пејачот Влатко Илиевски или Влатче како што го нарекуваа сите, кој имаше не само харизма, туку неговиот лик беше комплетиран со насмевка, убавина, шарм. Момче кое доволно е да ти се насмее и да ти го разубави денот, со способност другите да ги шармира, заведе и освои. Ете затоа го викаа миленик на сите генерации.
Го сакаа децата, го водеше „Златно славејче“ цели 10 години, го сакаше публиката, прв поп пејач што ја наполни салата „Борис Трајковски“, но и уште три други, го сакаа многу колеги од тука и Балканот, зошто беше дружељубив, музиката беше неговиот живот. Кажа многу во музиката за неговите 33 години и ќе кажеше уште повеќе да не беше тој кобен 6.7.2018, кога неговото срце престана да чука..
Шок и неверување за „Влатче наш“, но тој реши да продолжи да живее со ангелите и во нашите срца и спомени. Во чест на тие што го носат во срце, на тие што неговата насмевка широко има ја отворала душата, на тие што и денес ги слушаат неговите песни и во чест на тие што ги чуваат спомените за него, за mms.mk со неговиот татко Драган Вршац, позната фудбалска легенда, споделивме убави моменти од неговиот живот, со болка и солзи…
Нема утеха
Ми велат ако ти е некоја утеха, она што тој го проживеа некој за три животи не може да го преживее. Живееше како што сакаше тој. Негови блиски кои доаѓаат кај нас велат- знаеш како, тој живееше тука, но живееше како да е во Холивуд. Си го живееше тој холивудски начин на живот. Го живееше турбо. Во пета брзина. И навистина, кога ќе мислам се сеќавам дека на 20 години делеше сцена со „Дип Парпл“, па се дружеше со сите што доаѓаа овде од „Вајт снек“, па Били Ајдол и кој уште не. Одеше на концерти низ цела Европа. Дома имаме еден куп пасови од концерти. Настапуваше со Бреговиќ, па со Бебек, со Ален, со Тифа, со Бора Чорба, Оливер Мандиќ, кој секогаш кога ќе го видеше му викаше „Каде си легендо“.
Седам дома и си ги враќам филмовите што се направил за неговите 33 години, па ќе се сетам на емисијата „Рок кафе“, на „Златно славејче“, па квизот „Само кеш“. Па претстави колку изиграл, што јас се не сум стасал да ги изгледам. Дома во неговата соба цел ѕид од една страна е излепен со постери од претставите, а другиот со насловни страни. Има над 40 насловни стани и си размислувам, си викам 40 пати да се појавиш на насловна страна, во разни верзии, бил Александар Македонски, па Мајкл Џексон и што не. На 24 години ја наполни салата „Борис Трајковски“, на 25 отиде на Евровизија. Кога бевме во Германија водителот Штефан Раф му пријде и му рече: „Што се однесува до мене јас би те прогласил за победник, ама ова е бизнис.“
Самиот беше свесен дека беше штета што претходната година не отиде на Евросонг. Ги знаеше сите игри, само не сакаше да се занимава со тоа. Ќе се изнасмее, како што се изнасмеа на неправдата на Охрид фест, па си излезе и си ја зема втората награда иако според поените беше прв. Па и на „Макфест“ така се случи со „Последно танго“ а потоа беше прогласена за најслушана песна. Па концертите со „Морал“. Влатко имаше четири концерти, што за негови години е голем успех. Неговото добро срце го искористија многу. На многу што им пружи рака, што им помогна, подоцна му работеа зад грб. Јас подоцна, кога се се случи, ова го дознавав од други. Мене никогаш не ми се пожалил, се сакаше сам да постигне. Не правеше драма од ништо, што и да постигне, каков и да е успех.
Ги криеше проблемите
Криел, не сакаше да зборува за лоши работи. Кога ќе дојдеше дома се му беше „песма лета“, секогаш беше расположен. Насмеан. Се шегуваше. Беше таков што не можеш да почувствуваш дека има проблем. Сега веќе не може ништо да ни биде ниту сатисфакција, ниту утеха, но навистина немам слушнато лош збор за него. Луѓе и што ме знаат и што не ме знаат ми приоѓаат и ми велат: „Повоспитано и покултурно дете не сме сретнале“. Не одбиваше хуманитарен настап, само ќе речеше „Во колку часот треба да дојдам“. Без збор. Го запираа пред ресторан овде за да се сликаат со него, а тој без збор им ја исполнуваше желбата. Еднаш се јавија од Кочани, детенце со хендикеп сакало да се сретне со Влатко. Секако, тој ја запали колата и отиде. На сите знаеше да им направи ќеф. Одеше дотаму што за друг ќе позајмеше пари, а тие после не ги враќаа, па тој ги враќаше. Му ја злоупотребуваа добрината. Жално…
Ние постојано бевме заедно. До последен ден бевме заедно. Се беше смеење и шега. И последната вечер бевме заедно. Влезе дома, беше во куси панталони и рече ај да се истуширам, па ќе излегувам. Облече нова маица, патики и фармерки. „А како изгледам вака? Како и да е добро ми е“ рече и се наведна да ме гушне. Се бакнавме и излезе. Помина еден саат откако излезе, јас гледав фудбал, беше светско првенство, кога одеднаш ме облеа една чудна пот. Ми се чини дека од секаде ми излегуваше пот, некое чудно чувство. Веднаш скокнав и на сопругата и реков- бргу барај го. Вртевме постојано, но не се јавуваше. Јас реков одам да го барам и излегов со автомобилот. Набргу ми се јави сопругата расплакана и ми рече- врати се дома, полицијата е на врата. Се ми стана јасно.
Цела соба спомени
Неговата соба е музеј, сите негови спомени стојат тука. Ги имам скоро сите статуетки кај победувал,но многу и недостасуваат. Тој како ќе ги освоеше, ќе ги подареше. Еднаш сосема случајно на интернет гледам продаваат гитара. Ја препознав. Гитарата која тој и мајка му заедно ја правеа. Се јавив на дечкото, му реков јас ќе ја купам. Ја купив. Беше посебен во се. Тој се шегуваше постојано, но во секоја шега има вистина.
Пред некое време со негов колега правевме муабет и ми кажа дека на последниот роденден му рекол: Ајде, сега наполни 33 години и време е да станеш сериозен. А тој му рекол: „Е сега сум како Исус, Исус умрел на 33 години“. Што да кажам.
Такво дете мајка не раѓа. Од мал одеше со пеперутка машна, сакаше да биде дотеран. Од мал го загледуваа и му велеа- колку убаво дете.
Фудбал или музика
Никогаш не сметав дека треба да тргне по моите стапки, да биде фудбалер. Не се пронаоѓаше, фудбалот е колективен спорт, има многу строги правила. Иако почна да игра фудбал, беше дел од Вардар и сакаше да игра, сакаше да го викаат „петка“. Но, музиката повеќе ја сакаше. Јас не сакав да го терам, па што работи таткото мора и синот. Јас реков да купиме гитара, фудбал, велосипед, па што одбере тој, не јас да му кажам. Тој ја одбра гитарата. .Има една негова песна- „Така требало да биде“. Кога ќе дојдеше овде во ресторан, понеделнички има свирка, постојано го тераа да пее.. Ми е жал што негови колеги рекоа дека ќе се организира концерт „Пријателите за Влатко“ ама ништо од тоа..
Нов албум
„За љубов се пее до крај“ беше насловот на една од неговите песни, дует со Ристо Самарџиев со кој победија на „Охрид фест“ во 2009 година. Токму по оваа песна ќе се вика цедето кое ќе биде издадено во сеќавање на Влатче. На цедето има 19 песни, кои внимателно ги избравме со сопругата и со ќерката. Ќе имаше убава симболика, ако албумот излезеше на втори јули, на неговиот роденден. Но, поради состојбата со границите, а цедето е печатено во Софија, не можевме да го донесеме, се пореметија плановите. Кога ќе се среди состојбата ќе направиме промоција каква што заслужува, на отворено.
Албумот нема да биде комерцијален, ќе го подариме на сите фанови на Влатко, од срце, кои ни се јавуваат, оставаат цвеќиња. А искрено многу патувам низ Македонија и луѓе постојано ме прашуваат дали ќе има албум со неговите најголеми хитови. Мене навистина ми е мило кога ќе слушнам дека не ја забораваат неговата музика. Затоа го правиме ова. На цедето ќе се најдат „Со други зборови“, „Небо“, „Најбогат на свет“, која му е омилена, „Дајте му ја“, една од последните негови, од „Охрид фест“ во 2017. Влатко е комплетен автор на песната. Често ни ја пееше. И на нас, и на другарите. Се собираа кај нас во двор, ќе ја земеше гитарата, им свиреше разни песни. Тоа е, неговиот живот беше музика. Навистина беше музика…
Весна Миленковска
https://www.youtube.com/watch?v=ybl2v1jpTBI