Хан: Подготвен сум и лично да го поддржам референдумот – ММС
ММС

Објавено на: 06/15/18 2:33 PM

Хан: Подготвен сум и лично да го поддржам референдумот

Решението на спорот за името меѓу Скопје и Атина ќе има големо значење за целиот регион. Подготвен сум и лично да го поддржам успешниот референдум, вели Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за виенски „Стандард“.

– Во септември или октомври ќе има референдум и јас се понудив на лице место да се заложам за договорот. Во земјата имам одредено влијание и подготвен сум истото да го искористам во таа насока- вели Хан, прашан дали може договорот да пропадне.

Притоа, Хан предупредува дека не би било добро референдумот да се врзува за вонредни избори.

– Важно е референдумот да не се меша со предвремени избори, затоа што би можел да биде вовлечен во внатре-партиската борба. Водечките креатори на мислење во земјата делуваат како да сфаќаат, дека се работи за успех во интерес на земјата и на целиот регион. Затоа сум уверен дека референдумот ќе го добие потребното мнозинство- вели Хан.

Хан е сигурен дека Македонија ќе добие зелено светло на Самитот на ЕУ на 28 јуни, а потоа на Самитот на НАТО во јули и покана за членство во НАТО.

– Доколку наесен дел од опозицијата се приклучи и се обезбеди двотретинско мнозинство за измена на Уставот врз база на успешниот референдум, грчкиот парламент ќе може да го ратификува протоколот за влез во НАТО- вели Хан.

Прашан дали смета дека Атина ќе го исполни договорот, Хан вели, дека единствено сигурно е смртта, но дека договорот е добро поставен на хартија и Ципрас е професионален политичар.