Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, беше задоволен од вчерашната победа над фаворитот и конкурент за Скудетото, Лацио, со 3:0 на „Олимпико“.
И покрај шпекулациите за неговата иднина, италијанскиот стратег и поранешен тренер на Фиорентина, рече дека веќе размислува за мечот со шампионот Јувентус.
-Тимот одигра добро. Среќни сме со победата, но со толку зафатен календар, нашите мисли веќе се на натпреварот со Јуве, изјави Пиоли.
Тој вели дека тимот потрошил многу енергија во овој натпревар, но видел позитивни елементи од сите играчи и се надева дека тоа ќе помогне да го направи својот избор за дербито.
-Ова е наш четврт натпревар сезонава против Јувентус. Во последните недели тие ја кренаа формата, како и ние, посочи Пиоли.
Во однос на учеството следната сезона во Европа Лига, Пиоли смета дека Милан е клуб со реноме и мора да партиципира на сите европски турнири, но и дека играчите даваат се од себе за тоа да се случи.
-Фудбалерите продолжуваат да даваат 110 отсто, дури и оние кои по оваа сезона ќе го напуштат клубот. Тие се решени да докажат дека се силни играчи, рече Пиоли.
Со вчерашниот пораз, Лацио отиде на минус седум од Јувентус и се оддалечи од првото место во Сериа А.