Решението на спорот за името меѓу Скопје и Атина ќе има големо значење за целиот регион. Подготвен сум и лично да го поддржам успешниот референдум, вели Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за виенски „Стандард“.
– Во септември или октомври ќе има референдум и јас се понудив на лице место да се заложам за договорот. Во земјата имам одредено влијание и подготвен сум истото да го искористам во таа насока, вели Хан, прашан дали може договорот да пропадне.
Притоа, Хан предупредува дека не би било добро референдумот да се врзува за вонредни избори.
– Важно е референдумот да не се меша со предвремени избори, затоа што би можел да биде вовлечен во внатре-партиската борба. Водечките креатори на мислење во земјата делуваат како да сфаќаат, дека се работи за успех во интерес на земјата и на целиот регион. Затоа сум уверен дека референдумот ќе го добие потребното мнозинство, вели Хан.
Хан е сигурен дека Македонија ќе добие зелено светло на Самитот на ЕУ на 28 јуни, а потоа на Самитот на НАТО во јули и покана за членство во НАТО.
– Доколку наесен дел од опозицијата се приклучи и се обезбеди двотретинско мнозинство за измена на Уставот врз база на успешниот референдум, грчкиот парламент ќе може да го ратификува протоколот за влез во НАТО, вели Хан.
Прашан дали смета дека Атина ќе го исполни договорот, Хан вели, дека единствено сигурно е смртта, но дека договорот е добро поставен на хартија и Ципрас е професионален политичар.
Извор: МИА