Варени ѓевречиња се секогаш одлична идеја, затоа овој пат ви предлагаме да ги направите според нашиот испробан домашен рецепт кој ги воодушеви сите кои го пробаа. Постапката е интересна, ве уверуваме ќе уживате!
Состојки:
- 1 кг брашно
- 1 коцка квасец
- 2-3 лажици масло
- 1 лажиче сол
- 1 попразно лажиче шеќер
- околу 400 гр сусам
- 2-3 лажици мед.
Подготовка:
- Во сад за месење се ставаат квасецот заедно со солта и шеќерот, па се додава околу 100 мл млака вода.
- Откако квасецот ќе се стопи (со повремено промешување ќе се стопи побрзо) се додава уште 400 мл млака вода, брашното и маслото.
- Тестото се меси убаво и се внимава да не се лепи по рацете и да биде доволно мазно.
- Потоа тестото се дели на мали топчиња, зависно од вашата желба за големината на ѓевречињата (ѓевречињата на фотографијата се направени од топчиња малку поголеми од орев).
- Секое од направените топчиња поединечно се сукаат со раце, за да добијат долгунеста форма која потоа се поврзува во ѓеврече. Пожелно е готовото ѓеврече веднаш да го ставите во претходно припремена вода со мед која врие на оган, бидејќи доколку постојат нараснуваат и стануваат помеки и потешки за работа. Количината на вода и мед варира и се прилагодува зависно од големината на садот во кој ќе се варат.
- Вареното ѓеврече е спремно за вадење кога од дното на садот ќе се крене на површината.
- Со помош на голема кујнска лажица со дупки, ѓевречето се вади од водата со мед, па се става директно во садот со сусам и добро се налепува од сите страни.
- На крај, се ставаат во претходно припремен плех, кој може да биде обложен со пекарска хартија или малку намрсен.
- Се печат на 250 степени додека убаво не заруменат.
Овие домашни варени ѓевречиња се погодни за домашни и гости, за носење на работно место или за пакување на дечиња кои одат на училиште, одлични се како закуска при патувања и просто неодоливи за сите. Испробани се и тврдиме дека се исклучително вкусни!
Преземено од: sezahrana.mk