Анкетата на Националниот демократски институт (НДИ) спроведена пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори на 15 јули покажува дека владејачката коалиција на СДСМ и Движењето Беса има минимална предност од 3,6 проценти пред коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
На анкетата спроведена меѓу 12 и 21 јуни, на прашањето „Доколку парламентарните избори се одржуваат денес, за која партија би гласале?“, 24,8 отсто од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за коалицијата на СДСМ и Движењето Беса, додека 21,2 отсто од нив се изјасниле дека ќе ја поддржат коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Поддршката на ДУИ на спроведената анкета е 7,2 отсто, додека коалицијата на Алијансата на Албанците и Алтернатива добила поддршка од 5,7 отсто од испитаниците.
Од политичарите, најголема е наклонетоста кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а потоа е Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, разликата меѓу нив двајцата, според процентот на (не)наклонетост е значителна.
НДИ спроведе истражување на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12-21 јуни на национален репрезентативен примерок од 1.213 испитаници кои имаат над 18 години. Анкетата е со маргина на грешка од +/- 2.8 проценти и 95% стапка на доверба. Истражувањето и анализата беа спроведени од страна на Тим институт и Starr Opinion Research во име на НДИ. Податоците од анкетата не го предвидуваат изборниот резултат.