Десетина дена поголем дел од домаќинствата во тетовско Теарце се соочуваат со недостиг на вода за пиење. Делумно во селото водата ја има во вечерните часови, а проблемите се јавија поради поплавите на 23 јуни.
-Немаме вода за пиење, камоли за работа во бавча и нива. Пуштаат во ноќни часови по малку но без известување кога и колку време ќе има вода. Ако начекаме вода тогаш можеме да наполниме шишиња и слично. Одиме до Слатино да полниме вода за пиење, се капеме со шишиња кои ги топлиме на сонце. Бавчите и нивите остнаа без бода, се исуши се. Во време на коронавирусот има и луѓе кои се во самоизолација, па и тие без вода останаа, алармираат жителите на Теарце.
Од јавното претријатие „Хигиена” објаснуваат дека проблемите со водата за пиење во Теарце имаат повеќе аспекти.
-Три места имаме за снабдуавње со вода, но има и многу проблеми. Вода доаѓа од изворите Ланиште и Црвени Карпи, како и од реката Бистрица. Првиот проблем е поради поплавите од 23 јуни. Вториот е поради тоа што компанијата која менаџира со хидроцентралите прави чистење на речното корито на река Бистрица и бунарите и затоа во овие денови земаат вода од реката во периодот од 8:00 до 18:00 часот. Ме известија дека ќе работат до 8 јули. Во тоа време од 8:00 до 18:00 часот се прекинува водоснабдувањето од реката за да не се дозволи да навлезе кал во филтер станица и водоводната мрежа. После 18:00 часот водата од реката повторно се пропушта во водоводната мрежа и филтер станицата и вода ќе има од 19:00 часот до 8:00 наутро наредниот ден, изјави Мефаил Мифтари од ЈП „Хигиена”.
Покрај тоа, вели дека водата од изворите не е доволна за селото, поради масовното користење за наводнување на нивите и бавчите со градинарски култури.