Избори: Вкупно 1.814.263 граѓани имаат право на глас, партиските ветувања и препукувања со засилено темпо – ММС
ММС

Објавено на: 07/2/20 7:16 AM

Избори: Вкупно 1.814.263 граѓани имаат право на глас, партиските ветувања и препукувања со засилено темпо

Вкупно 1.814.263 граѓани имаат право да гласаат на претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 15 јули. Државната изборна комисија (ДИК) вчера го заклучи Избирачкиот список. Во меѓувреме, кампањата продолжува со уште позасилено темпо. Сé погласни се партиските ветувања и препукувања. Покрај претставувањето на програмите, доминираат повиците за масовна излезност, се ветуваат реформи и економски просперитет.

Коалицијата „Можеме” предводена од СДСМ синоќа од Струга уште еднаш порача дека земјава е на вистинскиот пат и дека времето на режимот заврши. Според ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија”, време е за историска победа и за обнова на државата. ДУИ продолжува да ја турка идејата – Албанец премиер, додека коалицијата „Сега е време” на Алијанса за Албанците и Алтернатива најавува промени.

Своите програми ги претставија и македонската конзервативна партија Интегра на средба со граѓани во Тетово, како и Македонски концепт на средба со граѓани во Скопје.

Здруженијата на граѓани, пак, ги повикаа политичките партии кои учествуваат на изборите да потпишат декларацијата за приоритетно донесување на законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на идниот парламентарен состав. Иницијатори на декларацијата се: Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД), Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ), Платформа за родова еднаквост, Македонска платформа против сиромаштија (МППС), Мрежа 23, Неформална мрежа на ромски организации, Блупринт група за реформи во правосудството, Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата, Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ) кои заедно бројат повеќе од 100 здуженија.

Кампањата продолжува и денеска. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев утрово ќе даде изјава за медиумите. пред Собранието, а носителите на листи на ВМРО-ДПМНЕ ќе остварат средби со граѓани во неколку градови. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе ги посети општините Дебар, Маврово Ростуше, Гостивар и Тетово, носителот на листа во ИЕ2, Владо Мисајловски ќе даде изјава во Визбегово и ќе оствари средба со жителите на Ѓорче Петров, носителот на листа во ИЕ 3, Игор Јанушев ќе оствари средба со жителите на општина Свети Николе, додека носителот на листа во ИЕ 4, Алекснадар Николоски ќе оствари средба со жителите на село Пепелиште општина Неготино, како и средба со жителите на село Криволак.

Караванот на Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија” ќе оствари средби со граѓаните во скопските општини кои припаѓаат на изборните единици број 1 и 2. Носителите на листи во и.е. 1 и 2, Билјана Џинго и проф. д-р Јове Кекеновски како и претседателот на Единствена Македонија проф. д-р Јанко Бачев ќе дадат изјави за медиумите пред спомена куќата на Мајка Тереза.

Прес-конференцијата најави и коалицијата „Сега е време” на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

MИА