На последното собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) едногласно е донесена одлука во врска со годинешното издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, дека нема да може да има традиционално издание со гости и програма како во изминатите 40 негови изданија, со оглед на фактот дека големи филмски фестивали како „Кан“, „Карлови Вари“, „Локарно“ и други, беа откажани поради пандемијата на коронавирусот.
Како што соопшти ДФРМ, тоа за што се согласни филмските работници е дека формата на одбележување на овогодинешното издание на фестивалот „Браќа Манаки“, треба да кореспондира со вредноста на фестивалот и заради тоа ќе се вложи креативна енергија и напор таа да се зачува.
На собранието била реизбрана Гена Теодосиевска за директор на ИФФК „Браќа Манаки“, а мандадот според Статутот на ДФРМ важи за следните две изданија на фестивалот.
-Останува староновиот директор на фестивалот, заедно со ДФРМ да изнајдат начин за достоинствено одржување на 41.издание на „Браќа Манаки“, кој е наш најголем и најзначаен филмски фестивал, како и можноста за инволвираност на неговиот домаќин во „новото нормално“, градот Битола, наведуваат од ДФРМ.