Суaрез и Кавани „гладни“ за голови и успех, Египет се моли на настап на Салах – ММС
ММС

Објавено на: 06/15/18 11:14 AM

Суaрез и Кавани „гладни“ за голови и успех, Египет се моли на настап на Салах

Осум години по најголемиот успех во поновата историја и четвртото место на Мундилајот во Јужна Африка, уругвајската јавност повторно очекува голем успех на своите фудбалски херои на Светското првенство во Русија.

Избраниците на стариот лисец Оскар Табарез со големи амбиции заминаа на овој планетарен собир, а „убиственото“ напаѓачко дуо Суарез-Кавани треба да биде движечка сила на оваа селекција. Уругвај одигра одлични квалификации во својот континент и веднаш зад Бразил обезбеди виза за Русија, а прва пречка на ова Светско првенство ќе му биде селекцијата на Египет.

Единствена маана на двократниот освојувач на „божицата“ е неискуството во средниот ред. Движечка сили треба да им бидат Бентакур, Весино и Де Араскаета, додека одбраната составена од Муслера, Годин, Касерас, Переира и Хименез не би требало да потфрли, односно се очекува да биде најсилната страна на овој состав.

На другата страна селекцијата на Египет по пауза од цели 28 години повторно е дел од едно Светско првенство. „Фараоните“ предводени од Хектор Купер дефинитивно се најдобрата африканска селекција на овој Мундијал, која во својот ростер поседува квалитетни играчи како Мохамед Салах, Елнени, Саид…

Сепак, овие денови целата јавност е насочена кон првата ѕвезда на тимот и дали фудбалерот на Ливерпул ќе биде подготвен уште од стартот на мечот да ѝ помогне на својата селекцијата. Салах се повреди во финалето на Лигата на шампионите и сè уште мака мачи со болките во рамото, па доколку нема да може да стартува на овој меч, Купер ќе биде приморан драстично да ја промени тактиката, како и пристапот на игра.

Во поновата историја овие две селекции се имаат сретнато само еднаш, пред 12 години, кога победа од 2-0 славеше селекцијата на Уригвај. Мечот кој е дел од групата А ќе започне од 14.00 часот, а ќе се одигра на „Екатеринбург Арена“.