Детската амбасада Меѓаши реагира за злоупотреба на деца политички кампањи – ММС
ММС

Објавено на: 06/29/20 5:27 PM

Детската амбасада Меѓаши реагира за злоупотреба на деца политички кампањи

Деновиве сме сведоци на се поголеми злоупотреби и манипулации на деца и работи поврзани со деца во политичките кампањи. До Првата детска амбасада во светот Меѓаши од почетокот на ова политичка кампања пристигнаа четири пријави и информации за прекршување на детските права или манипулација со деца, но и самите сме длабоко загрижени за политичката (не)култура и пораките кои им се испраќаат на децата преку начинот на водење на политичките кампањи и политичките спотови.

За жал, според начините на водење на кампањите но и според досегашните искуства од неспроведените ветувања, политичките партии не успеваат (или не сакаат) да разберат што е најдобар или што е воопшто интерес на децата ниту пак успеваат да понудат надеж за подобра иднина на децата воопшто. Децата и понатаму се користат на најразлични начини за добивање политички поени:

– Спотовите за политичка кампања во кои се користат елементи од детскиот свет како читање бајки пред спиење истиот тој свет го загадуваат на најлош можен начин. Не само што одземаат нешто убаво од детскиот свет туку по одземањето го враќаат преработено и исполнето со деструктивни содржини кои можат да имаат негативни последици кај децата. Децата немаат капацитет да го разберат кажаното ниту има релана потреба децата да ги разбираат дневно-политичките борби на партиите.

– Иако согласно Изборниот законик Член 76 ставка 3 не е дозволено учество на малолетници во платено политичко рекламирање, користењето деца директно во рекламните спотови продолжува. Дополнително е манипулативно кога се користат како емотивен залог за иднината а во сегашноста речиси ништо не се прави за децата и детските права. Детските соништа се скапоцени, тие потекнуват и се обликуваат според детската имагинација која ја гледа сегашноста со очите на реалноста. А сегашноста за некои деца е немање современи играчки и електронски уреди, за некои немање клупа и училиште, додека за некои немање основни услови за живот…

– Злоупотреба на малолетни деца кои делат промотивни материјали облечени во маички со симболи на политички партии е очигледна злоупотреба а дополнително згрозува доколку имаме случај на смислен обид изведен од друга политичка партија за дискредитација на одредена партија.

– Делењето директна помош за деца како дел од предизборно рекламирање е неприфатливо и треба да се смета за купување на гласови.

Светот на возразните од кој децата треба да учат деновиве емитира потполна некоректност, невнимание и произведува севкупна несигурност. Земја која има вакви возрасни сериозно треба да е загрижена за својата иднина.

Ќе нагласиме уште еднаш, иако во самиот Изборен законик има став од членот 76, став 3 кој прецизира и забранува учество на деца во политички кампањи, сепак и покрај тоа, досега ниту една партија не била казнета за непочитување на оваа забрана. Можеби тука треба да ја бараме причината за непочитување на забраната за злоупотреба на децата во политички кампањи.

Вклучувањето на децата во политичката кампања е спротивно на Конвенцијата за правата на детето, според која, децата треба да бидат заштитени од сите видови злоупотреби и манипулации.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши повторно апелира до сите медиуми да одбиваат емитување на платени политички пораки доколку во нив се врши злоупотреба на децата за политички и партиски цели.