Поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев денеска бил повикан во Полициската станица Карпош и по извршениот разговор си заминал, потврдија за МИА од Министерството за внатрешни работи.
– Д.Д. беше поканет со покана за разговор во ПС Карпош и уредно се пријави сам. По извршениот разговор, си замина, неведуваат од МВР.
Тој бил повикан да даде изјава во однос на снимките кои пред неколку дена беа објавени на Јутуб и на кои се гледа како добива пари.
Снимките беа објавени на новоотворен Јутјуб канал заедно со уште други три аудио записи.
Дончев во писмена изјава го демантира контекстот во кој се ставаат во врска со случајот „Дијамед“ и ги отфрли сите инсинуации и манипулации кои, како што вели, се со цел за негова политичка деградација.
Тој кажа дека е забележливо оти снимките се нецелосни и се вадени од контекст со цел во јавноста да се постигне одреден наратив и во писмениот демант ја објасни секоја снимка посебно. За видеоснимката кажа дека е од постар датум и е од приватен карактер.