„Ако за избори нема корона а за прослави има, тогаш нема да гласаме“ – учесниците во свадбениот бизнис на протест во Штип бараат враќање на веселбите – ММС
ММС

Објавено на: 06/26/20 5:55 PM

„Ако за избори нема корона а за прослави има, тогаш нема да гласаме“ – учесниците во свадбениот бизнис на протест во Штип бараат враќање на веселбите

Музичарите, фотографите и некои претставници од угостителите и цвеќарите, денеска под мотото „Музика сега“ одржаа протест во Штип, на кој побараа да се изготви посебен протокол за нивна работа и да се вратат веселбите, бидејќи како што велат, тие веќе четврти месец се без никакви приходи.

Според нив е контрадикторно границите, казината и теретаните да бидат отворени, а тие да не можат да работат.

– Овие луѓе кои се сега овде се луѓе без основна егзистенција од месец февруари. Во изминатите месеци се донесоа забрани за работење на многу дејности а истите во последните неколку дена се повлечени и овозможено им е работење со посебни протоколи. Само за нас музичарите се’ уште важат и се донесуваат нови одлуки со кои најстрого ни се забранува работењето. Не можеме да ја разбереме и да ја прифатиме одлуката за забрана на музички настани во рестораните кога истите добија дозвола за работа и во затворените делови. Како еден музичар претставува поголема опасност по здравјето на гостите од келнерот во истиот ресторан, кога музичарите и во нормални услови се поставени во посебен дел од ресторанот, вели музичарот Јорданчо Tонев.

Тие бараат во најскоро време да се донесе протокол за организирање поголеми прослави. Со ова прашање како што велат, се засегнати голем број мали бизниси – сниматели, цвеќари, студија за декорации и студија за осветлување.

– Ако за гласањето нема корона а за музичарите има, тогаш нема да гласаме – велат музичарите.