Излезе од печат книгата „Континуитетот на кинетографското писмо во Македонија” од авторот Христијан Николовски. Делото е прва книга од авторот кој истакна дека содржи детален аналитички осврт на кинетографското писмо во Македонија и неговото развивање со текот на годините.
– Кинетографското писмо претставува начин на запишување на чекорите во традиционалната игра и постојат повеќе начини и методи на запишување и бележење на традиционалните игри. Од историски аспект во книгата даден е аналитички осврт на повеќе видови писма, кои биле во функција на кинетографијата во Македонија, како што се знаковите системи, дескриптивниот метод на објаснување на игрите и знаковите системи во комбинација со дескриптивен метод. Овие видови кинетографски писма и методи на запишување биле доста сложени, неунифицирани и не дошло до нивно ширење и прифаќање во светски рамки, истакна Николовски.
Содржината на овој труд, како што додава, содржи податоци за кинетографијата и нејзината примена на територијата на бившата југословенска држава, кинетографијата во Бугарија и за кинетографското писмо на Рудолф Лабан, познато како лабанотација, кое остава трајни обележја и достигнувања во светски рамки.
– Исто така, во делото дадена е јасна слика за развојот и употребата на кинетографските писма во Македонија, како од самата појава, така сè до ден денес, гледајќи и од современ аспект. Трудот содржи податоци за авторите и главните претставници на кинетографијата и кинетографските писма во споменатите простори, автори кои оставаат големи епохални дела значајни за
науката, кои претставуваат основа и база при создавањето на овој труд, додава Николовски.
Рецензенти на книгата „Континуитетот на кинетографското писмо во Македонија” се професор д-р Владимир Јаневски и професор д-р Стефанија Лешкова Зеленковска. Магистер Христијан Николовски кој е по потекло од Делчево е професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” во Скопје и асистент на Музичката академија при УГД Штип на одделот за Етнокореологија.