Легендата на македонскиот ракомет Пепи Манасков, ни раскажа како ја поминува тешката и карантинска 2020 година, советите кои им давал на своите синови Мартин и Дејан, најтешките и најлесните противници во кариерата. Со Манасков за mms.mk исто така разговаравме за шансите на македонската ракометна репрезентација во квалификациите за Европското првенство во 2022 година, како и за предизвикот наречен селектор на селекцијата на Македонија во блиска иднина.
Со оглед на специфичната природа на спортистите, особено оние од колективните спортови и желбата за постојано движење и динамичност, како карантинската 2020 година се одрази врз вас и вашиот начин на живеење?
-Нормално дека се одрази, но мора да ја прифатиме ситуацијата. Не е лесно, тешки беа особено оние првите денови кога започна оној карантин со големи ограничувања. После тоа човек се навикнува на сè. Мораме да се носиме со тоа и да живееме. На спортски план, јас како тренер на Вардар сега сум без ангажман, дома сум и малку е досадно бидејќи мене како темпераментен човек ми недостасува работна обврска.
Дали и на кој начин финансиската криза на глобално ниво, предизвикана од пандемијата на коронавирусот, ќе се рефлектира врз ракометот како спорт? Бидејќи ионака ракометот важи за „сиромашен“ спорт каде што практично и да нема значителна финансиска добивка, споредбено со другите комерцијални спортови како фудбалот и кошарката?
-Сигурно дека ќе се одрази на глобално ниво, знаеме дека во сите клубови ситуацијата е тешка. Договорите се кратат на 30, 40 отсто, последиците се неизбежни. Спортот ќе трпи, во моментов мислам дека најважно е сето ова да заврши и да започне да се тркала топката. Оваа пауза е многу голема за еден професионален спортист, спортски работник и тие ќе го почувствуваат тоа на своја кожа. И на физички и на техничко-тактички план, ќе треба време да се надополни за да се вратат во форма.
Вообичаеното прашање кое се поставува на успешни спортисти гласи „дали вашите деца тргнаа по истите стапки“, но овојпат не е случај затоа што вашиот синови Дејан и Мартин, не само што тргнаа по стапките на успешниот татко, туку веќе и успешно пловат во ракометните води, посебно Дејан Манасков, кој веќе е етаблирано сериозно ракометно европско име, на клупско и репрезентативно ниво. Како сте задоволни од нивните кариери и какви играчки совети им делите?
-Дејан е веќе искусен играч, со многу труд позади него. Го има „фатено“ тој професионален живот, игра во ЛШ во големи средини, големи клубови, напредува многу добро. Советите мои кога беа помлади се однесуваа на дисциплинираноста, точноста и почитта, а сето останато е во рацете на тренерот. Мартин, можеби не е на нивото на Дејан, но во моментов игра во РК Охрид и нормално, секогаш може повеќе, како и за секоја друга работа. Цел живот се учи, никогаш не е доцна, без разлика на годините. Ракометот еволуира, спортот оди напред со нови прави, нови финеси и сето тоа мора да го следи еден спортист за да напредува.
Кариерата ја започнувате во родниот Велес, во екипата на Борец. Како млад ракометар во тоа време можеше да ги добие своите пет минути, земајќи ги предвид послабата медиумска експонираност на ракометот тогаш, непостоењето на интернетот како таков и неможноста за популаризација преку него?
-Во наше време, училишниот спорт и начин на селекција беше замена за ова денес. Ние преку училишните натпревари, подоцна републичките и на крајот клупските, успеавме да се искачуваме во кариерата. Важно беше присуството на оние тренери и учители кои не водеа и знаеја да проценат кој талент може да прерасне во добар играч. Имаа сенс за таа работа, како да се креира процесот на развој на еден ракометар. Талент е потребен, но 90 отсто е работа.
Гледајќи ги настапите на македонската ракометна репрезентација низ годиниве, честопати како гледачи и љубители на спортот сме се наоѓале во ситуација во која на одреден меч би прокоменирале „уф, како би ни дошол еден бек како Пепи Манасков сега“. Бекови како Манасков, со сета почит кон останатите, скоро и да не постојат, но дали во блиска иднина гледате потенцијал во конкретен млад ракометар, за пополнување на таа дефицитарна позиција?
-Веќе на некој начин имаме дефинирани бековски позиции. Талески и Кузмановски, има и уште некои други кои допрва ќе се покажат. Тие секоја година ќе одат во нагорна линија, сега колку го прават сето тоа задоволително не знам, но мислам дека имаат простор за напредок, релативно млади играчи се. Возрасна старост за созревање на бековите е 25-26 години, тие имаат акумулирано искуство, играат во добри лиги, имаат искуство во репрезентација и сметам дека се на добар пат да бидат врвни бекови и носители на селекцијата на Македонија.
Кој голман или противнички дефанзивен играч највеќе, жаргонски кажано „ви лежел“, а против кого најмалку сте сакале да се соочувате, независно дали на репрезентативно или клупско ниво?
-Имало многу квалитетни голмани кои ми биле страв и трепет, но истовремено ми биле предизвик и против нив сум играл добро. Мирко Башиќ, голманот на Металопластика од Шабац, совршен пример е за тоа. Секое соочување со него, а Мирко Башиќ беше голман од светски калибар, никогаш не бев под десет голови. Секако, имало и голмани кои не биле толку квалитетни и познати, а ми претставувале проблем. Дејан Лукиќ, наследникот на Башиќ во Металопластика, во Битола ми одбрани клучен пенал. На некој начин тоа беше моја грешка, малку избрав во шутот и тој гол беше решавачки, бидејќи загубивме со еден гол разлика и ја загубивме титулата во Југославија.
Селектор на македонска ракометна репрезентација, за две, три или пет години, би го прифатиле ли тој предизвик?
-Јас во ракометот како тренер сум 12-13 години, бев дел од селекцијата, спортски директор, координатор, помошник тренер. Никогаш немам добиено вистинска понуда, шанса да бидам селектор. Тоа некако оди „по друга линија“. Има луѓе задолжени кои одлучуваат за тие места. Веќе и годините си го прават своето, јас сум во поодминати години, ако некој планирал на мене тоа требаше да се случи порано. Активно 15 години не играм, така што во тие 15 години имаше простор, да бидам дел од селекцијата.
Пред некој ден ја добивме квалификационата група за Европското првенство во 2022 година. Какви се нашите шанси за освојување на едно од првите две места и дали сметате дека македонската репрезентација уште еднаш ќе се најде на големата сцена?
-Со оглед на рејтингот, би требало да бидеме втори во групата. Данска е фаворит, Швајцарија не е за потценување ама мислам дека би требало да ги победиме, Финска е аутсајдер. Второто место е реално.
Давор Јосифоски