Лоцирана причината за побелувањето на Брегалница: Излеана суровина од „Техникал текстајл“ ја побеле реката – ММС
ММС

Објавено на: 06/24/20 11:59 AM

Лоцирана причината за побелувањето на Брегалница: Излеана суровина од „Техникал текстајл“ ја побеле реката

Пукање на црево преку кое се внесувала хемикалија во германската фабрика „Техникал текстајл“, која работи во ТИРЗ зоната во Штип, причини да се излеат неколку стотици килограми на бела течност во реката Брегалница, што целосно ја обеле по течението во градот. Се испитува содржината на течноста, додека Еколошкиот инспекторат подготвува соодветна пријава за компанијата, од каде настана излевањето.

Атмосферскиот канал од кој директно се влеваше бела густа течност во реката Брегалница, која целосно ги обеле водите, водеше до Технолошко индустриската зона во Штип (ТИРЗ), каде тработат три странски компании. Во моментот кога тим од полиција, спортски риболовци и општината дошле до ТИРЗ зоната, дворот на компанијата „Техникал текстајл“ бил побелен од излената течност, која се’ уште истекувала од пукнатото црево. Ова на денешната прес конференција го опиша градоначалникот Благој Бочварски, кој на увид повикал еколошки инспектор.

-Инспекторите констатираа дека транспортна фирма добавувач на течност којашто се употребува во производствениот процес на фирмата „Техникал Текстајл“ имала пукање на цревото, со што течноста преку атмосферскиот канал се слеала во река Брегалница. Во текот на денот постапуваат инспекторатите за животна средина со што очекуваме информации за целосно затворање на постапката, изјави Бочварски.

Се’ уште не е познато за каква течност се работи, но извесно е дека е суровина што  „Техникал текстајл“ ја користи во својот производствен процес на фибер стакло и изолациони материјали. Од команијата го уверувале Бочварски дека материјата не е штетна по човековот здравје, ниту по живиот свет во реката. Сепак, мострите од излеаната течност се пратени на анализа. Примероци од водата во реката, како и од водата од речните бунари што се користи за пиење на граѓаните на Штип се дадени на испитување. Анализата покажала дека водата нема промена на квалитетот.

-Во текот на вчерашниот ден во 19:15 часот се земени анализи на водата на влез и на излез од филтер станицата којшто покажаа дека квалитетот е согласно правилникот за безбедност на водата според хемиска и бактериолошка анализа.Од страна на ЦЈЗ Штип и ЈП „Исар“ е извршен увид и на штипските бунари за водоснабдување на градот со вода, којшто се повисоки и заштитени и нема нивно загадување.ЦЈЗ Штип и ЈП „Исар“ во наредните 3 дена ќе вршат вонредни контроли на влез, на излез и низ мрежата, кажа градоначалникот Бочварски.

Водата во Брегалница по синоќешниот инцидент во текот на ноќта ја доби нормалната боја. Денеска кога поминавме покрај реката во делот каде се лоцирани бунарите од градскиот водовод, ништо не укажуваше дека пред само неколку часа реката беше бела.

Државниот еколошки инсопекторат постапува и се очекува да излезе со конретна пријава, исто како и полицијата. Од СВР Штип потврдија дека се работи на истрагта, по што од своја страна ќе излезат со пријава до Обвинителството. Според првичните информации, проблемот настанал кај превозникот, српска фирма, која превезувала суровини за „Техникал текстајл“. Сепак, одговорноста е на компанијата, од чиј двор белата течност заврши во Брегалница.

Граѓаните се револтирани, бидејќи реката Брегалница, се’ уште единствениот извор на вода за пиење, постојано е под удар на индустријата. Неколку пати годишно се менуваат боите на реката од розе до темно сино и црно, а вчера и бело. Ретко или никогаш не е пронајден сторитеолот. Вчерашниот случај засега е светла приказна во лоцирањето на виновникот, само уште институциите до крај да си ја завршат работата.