Искуството на земјите кои во последните десет години станале членки на Европската унија (ЕУ) покажува дека пристапните преговори во процесот на придружувањето кон Унијата траеле меѓу три и шест години.
Преговорите најбргу ги завршиле Словачка, Малта, Летонија и Литванија, кои официјални започнаа да преговараат со ЕУ во февруари 2000 година, а сите поглавја ги затворија во декември 2002 година.
Овие четири земји станаа членки на ЕУ на 1 мај 2004 година, во таканаречениот „голем бран” на проширување. Истовремено, членки на Унијата станаа и Чешка, Естонија, Кипар, Унгарија, Полска и Словенија, кои ги отворија пристапните преговори на 31 март 1998 година, а ги затворија во декември 2002 година.
Преговорите меѓу ЕУ и тогашните десет кандидати за членство беа поделени на 31 поглавје., се вели во анализата на Танјуг.
Кипар претставуваше посебен случај, поради тоа што тоа беше единствената земја која влегла во ЕУ, без целосна контрола над својата територија, нешто што важи до ден денес. Во Унијата влезе делот населен од кипарските Грци, но не и северниот дел од островот, кој е под контрола на кипарските Турци.
Бугарија и Романија официјално започнаа да преговараат во февруари 2000 година, исто така со по 31 поглавје, а процесот го завршија во јуни, односно декември 2004 година.
Меѓутоа ЕУ веќе во нивниот случај ги заостр критериумите за влез, воведувајќи таканаречена „заштитна клаузула”, според која примеот во Унијата, предвиден за 1-ви јануари 2007 година би можел да биде одложен за една година, доколку до 2007 година целосно не се исполнат поставените услови.
На овие две земји им беше особено замерено поради тоа што не успејаа доволно успешно да ги сузбијат корупцијата и организираниот криминал, а беше изразено и сомневање во тоа дали се целосно подготвени за одговорно и ефикасно да ги користат европските фондови.
Европската комисија исто така со клаузулата го задржа правото да им го оневозможи извозот на прехранбрени продукти на пазарот на ЕУ доколку не ги исполнат сите критериуми на ветеринарските, санитарните и здравствените безбедности.
Клаузулата му овозможи на Брисел да го ускрати правото на слободното движење на луѓето, стоката, услугата и капиталот и да ги исклучи земјите од заедничката политика во областа на конкурентноста, енергетиката, сообраќајот и телекомуникацијата, доколку не ги применат сите европски правила и закони.
Од земјите од Западен Балкан, Хрватска беше лидер во процесот на евроинтеграциите. Земјата во октомври 2001 година го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, кој стапи на сила во февруари 2005 година. Хрватска во јуни 2004 година се стекна со статус на кандидат за членство, а официјално преговорите ги започна во октомври 2005 година и ги затвори во јуни 2011 година. Официјално, Хрватска стана членка на ЕУ на 1 јули 2013 година.
Процесот на пристапувањето во ЕУ за Хрватска беше потежок во однос на претходните земји кандидат, а самото отворање на преговорите доцнеше поради недоволната соработка со Хашкиот трибунал.
Кога се работи за исполнувањето на Копенхашките политички критериуми, земјата се соочи со големи предизвици во областите на правосудството и заштитата на човековите права, додека во спроведувањето на донесените закони, според проценката на Европската комисијата, Загреб мораше да вложи дополнителни напори во 14 од 35-те поглавја.
Хрватската економија беше оценета како функционална пазарна економија, но таа во 2009 година влезе во рецесија и ова ги потенцираше проблемите со јавниот долг и надворешнотрговскиот дефицит, а растот на невработеноста и штедењето во јавната потрошувачка дополнително политички ја дестабилизираа земјата.
Во однос на хрватскиот случај, треба да се земе предвид дека критериумите за прием во ЕУ, споредени со оние од претходните два брана на проширување, беа дополнителни проширени и отежнати.
За разлика од претходните 12 земји, кои беа примени групно во 2004 и 2007 година, Хрватска требаше во Унијата да влезе сама, што беше прв ваков случај по приемот на Грција во 1981 година.
Во практика тоа значеше дека земјата немаше со кого да се спореди и мораше сама да го сноси административниот товар на преговорите. Од друга страна, пак, немаше опасност дека нејзиното пристапување во Унијата ќе биде забавено од некоа друга, помалку подготвена земја кандидат.
ЕУ, исто така, воведе и нови, построги правила во преговорите, кои опфаќаа сет од 138 мерки за отворање и затворање на поглавјата, иако хрватските експерти тврдат дека во пракса бројот на мерките бил поголем од 400, бидејќи многу од нив биле поделени на поткатегрии.
Новитет беше и поглавјето 23 за правосудство и основи права, со фокус на реформите на правосудниот систем, борбата против корупцијата и почитувањето на основните права, бидеји овие области се покажаа како проблематични во претходните рунди од проширувањето.
Пристапните преговори на Хрватска беа и дополнително искомплицирани поради билатералните прашања, како што е граничниот спор со Словенија и внатрешната криза – неочекуваната оставка на премиерот Иво Санадер, низата корупциски скандали и реконструкцијата на владата.
Истовремено, ситуацијата не беше нити многу подобра во самата ЕУ, која во тој период беше потресена од три големи кризи.
Институционалната криза изби во 2005 година кога Холандија и Франција на референдум го отфрлија новиот европски устав, а финансиската криза, која настана три години подоцна, дополнително го турна во прашање проширувањето на Унијата, а како последица на ова следеше и „заморот од проширувањето”.
ЕУ исто така започна да учи од своите грешки, па така во Брисел и престолнините на државите на ЕУ се појави уверување дека беше погрешно тоа што им се дозволи на Бугарија и Романија да станат дел од ЕУ, бидејќи тие не ги спроведоа докрај неопходните реформи, така што беше изведен јасен заклучок – нема повеќе краток пат до Унијата.