Советодавен сервис за права на млади – платформа за младинско информирање – ММС
ММС

Објавено на: 06/24/20 9:56 AM

Советодавен сервис за права на млади – платформа за младинско информирање

Во рамки на Проектот за младинско изразување финансиран од Европската Унија, Младински образовен форум (МОФ) го промовира Советодавниот сервис за права на млади. Овој младински сервис, кој е достапен на www.servismladi.mk, цели да обезбеди советувања и поддршка за младите како полесно да ги остварат своите права и како да ги разберат демократските процеси и правните механизми кои им стојат на располагање за нивна заштита на нивните права.

– Преку начинот на кој работи, Сервисот ќе ги мотивира младите да прашуваат и да бараат решенија преку кои ќе можат да ги заштитат своите права и уште поважно, сајтот креира платформа за младинско информирање во областа на правото и правните процеси, се вели во соопштението од МОФ.

Оттаму посочуваат дека советодавниот сервис за права на млади нуди информирање и советување на младите во неколку категории, и тоа: прашања и проблеми поврзани со средното образование, високото образование, но и млади и комуникација со органи и институции на локално и национално ниво, во области од нивниот секојдневен живот.

На Советодавниот сервис младите можат да се обратат и да побараат решение преку поставување на прашање кое пристигнува директно до тимот на младите советници, а одговор ќе добијат во рок од пет работни дена. Прашањата можат да се поставуваат на македонски и албански јазик, на копчето „Постави прашање” со пополнување на неколку полиња по што прашањето е веднаш проследено до тимот.

Значајно е, велат од МОФ, тоа што прашањата се поставуваат анонимно или со име/псевдоним во зависност од опцијата која ќе ја изберат, а одговорите од советниците не содржат лични детали, ниту пак информации преку кои може да се идентификува лицето кое го поставува прашањето.

– Освен да постават прашање, на платформата младите можат и да ги видат претходно поставените прашања и да се информираат на теми кои може да им бидат корисни и ги засегаат. Во рамки на страницата посетителите ќе можат да најдат и публикации, истражувања и колумни изработени од млади или кои се однесуваат на младите и младинските права и прашања. Страницата е лесна за користење и следење, а секој кој е засегнат може веднаш да се обрати, соопштија од МОФ.