Доктор Мирослав Бошковски од Куманово, вработен во приватна здравствена организација, донираше конвалесцентна плазма за потребите на пациент заболен од Ковид-19 од Ресен. Бошковски го видел апелот за донирање плазма на социјалните мрежи и бидејќи претходно и самиот ја прележал болеста се пријавил за донирање.
– Се бараше крвна група Б + и се одлучив да донирам. Се јавив и за 24 часа од телефонското јавување беа направени сите подготовки, беше земена крв, извршени анализи и беше дарувана и плазма, изјави доктор Бошковски.
Многу е потребно да се донира крвна плазма, која има исклучително значење за пациентите со тешка клиничка слика, апелира д-р Бошковски, кој инаку е претседател на локалниот огранок на Лекарската комора во Куманово. Тој ги повикува сите кои ја прележале болеста и доколку ги исполнуваат критериумите за донирање, кои можат да се видат на Институтот за трансфузиона медицина, да се јават и да донираат плазма која може да спаси нечиј живот.
Бошковски раскажа и за своето искуство од болеста. Се заразил во првата половина од април, поминал со средна клиничка слика, со малаксаност, замор, кашлица, температура, отежнато дишење. Тој бил хоспитализиран и во Кумановската општа болница 17 дена.
– Се чувствувам добро, дарувањето плазма е исто како и секое нормално редовно крводарување. Ги повикувам сите кои се чувствуваат подготвено, кои ги исполнуваат условите да даруваат, апелираше Бошковски.
Бошковски единаесет години работи како матичен лекар во Куманово и пет години е специјализант по интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје.
Вчера,пак, на социјалните мрежи имаше апел од загрижена сопруга и мјка од Ресен, која молеше за донирање крвна плазма за својот сопруг.
„Мојот сопруг веќе десет дена е лежи во „8-ми септември“ и е на кислородна поддршка. Ни кажаа дека е потребна тој да прими крвна плазма за крвна група Б+ од некој кој оздравел од ковид-19. Така би можел и тој побрзо да оздрави. Јас сум во Ресен во домашна изолација со две мали деца. Од тука не можам ништо да сторам, освен преку социјалните мрежи и медиумите да побарам помош“, вели за Досие.мк, Билјана Котеска, сопругата на 40 годишниот маж што веќе десетина дена се бори со вирусот.
Пред да биде хоспитализиран во ГОБ „8-ми Септември“, тој само два дена претходно имал симптоми. На семејството не му е познато како тој се заразил.


