Неемитувањето на програмските пакети на македонските телевизии, е причина за реакција на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), која веќе постапува. Ова на прашањето на Канал 77 го одговори министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. Реакцијата на АЕК се однесува за прекршените одредби од Законот за електронски комуникации со прекинот на емитувањето на ТВ прогамите од страна на операторите. Претохдно, во првичната реакција веднаш по прекинот, министерот Манчевски ги повика граѓаните со поплака да се обратат до АЕК.
Манчевски вели дека со завчерашниот едночасовен прекин на реемитувањето на ТВ програмите беа прекршени одредбите од Законот за електронски комуникации, за што е надлежна Агенцијата за електронски комуникации.
-Според моите информации таму се постапува и ќе бидат спроведени сите мерки коишто се согласно законот. Тоа е во однос на реакциите на институциите. Граѓаните секогаш како претплатници за било што сметаат дека е прекршување на условите од претплатничкиот договор што тие го имаат со операторите исто така може да се обратат до АЕК каде што има посебен сектор за поплаки од страна на корисниците коишто ги процесуираат овие поплаки. Се работи за две реакции една институционална и таа не исклучува и е во тек и втората е онаа што граѓаните дополнитлено сами можат да ја покренат, рече Манчевски.
Кабелските оператори завчера го прекинаа емитувањето на ТВ програмите во траење од еден час во знак на протест од, како што соопштија, наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Петте национални телевизии оценија дека прекинот на програмите е самоволие и тешко кривично дело.
Владата на седницата одржана на 22 јуни донесе измени и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека временскиот период во кој операторите беа должни да извршат пререгистрација на програмските сервиси кои ги реемитуваат, од 60 дена е продолжен на 150 дена.
-Овој рок е продолжен со цел да ја исполнат обврската и да ја достават соодветно пропишаната документација до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која треба да ја прибават од странски радиодифузери. Дополнително, а заради обезбедување на соодветни услови за информирање на јавноста во овој период на прогласена пандемија, со оваа Уредба е определена обврска за задолжително реемитување на програмските сервиси кои се веќе пријавени кај надлежниот регулатор од страна на операторите, соопшти владината Прес служба.
Објавено на: 06/23/20 3:33 PM