Борче Даскаловски нов тренер на МЗТ Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 06/23/20 3:30 PM

Борче Даскаловски нов тренер на МЗТ Скопје

Професорот при Катедрата за кошарка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и поранешен тренер на Карпош Соколи, Борче Даскаловски, од денеска е прв тренер на МЗТ Скопје.

-Даскаловски доаѓа на местото на Горан Крстевски, творецот на плејада кошаркари кои „жареа и палеа“ на младинската сцена во последните години, а кој, во договор со управата на клубот ќе се врати во работата со најталентираните во нашата младинска школа и тоа во селекцијата за играчи до 16 години, соопштија од клубот од „Аеродром“.

Борче Даскаловски е поранешен играч на Вардар, Балкан Стил, Пелистер и Фени Индустри, додека како тренер има работено во Вардар и во Карпош Соколи, каде што прво беше асистент во стручниот штаб кога „соколите“ играа во АБА лигата и го освоија пехарот во Купот на Македонија. Следната сезона го презеде клубот како прв тренер и собра големо искуство преку настапите во квалификациите за Лигата на шампионите на ФИБА, а потоа и во ФИБА Еврокупот. Минатото првенство, тој го мина како дел од стручниот штаб на Астана, најдобриот тим во Казахстан и член на ВТБ Лигата каде што работеше заедно со нашиот Емил Рајковиќ.

МЗТ Скопје и следната сезона ќе биде дел од Првата лига, во која ќе влезе со амбиции за опстанок во елитата, заедно со паралелно создавање квалитетни млади кошаркари кои потоа би биле прекомандувани во првиот состав на „сините“ од „Аеродром“.