Здружението на новинарите на Македонија во пресрет на претстојните парламентарни избори изготви „Прирачник за етичко известување од избори во Северна Македонија” кој ќе помогне на новинарите и медиумите во подобро запознавање со етичките и правните аспекти на покривање на изборната кампања и денот на изборите.
Во прирачникот, како што соопшти денеска ЗНМ, е истакната важноста на почитувањето на етичките стандарди при известувањето, како и улогата и значењето на медиумите за време на самите избори. Во таа насока, како што посочува здружението, истакнато е дека информативната улога на медиумите подразбира дека тие урамнотежено и коректно ќе известуваат за кампањата на сите политички партии, со што би им помогнале на граѓаните да одлучат како ќе гласаат.
-Публикацијата е поделена на четири дела кои освен за етичките стандарди, се однесуваат и на етичките принципи за реализација на фер и балансирана телевизиска кампања со политичките опоненти, меѓународните правни стандарди за слободата на изразување и изборите, како и за националните правила за медиумско покривање на изборните процеси, информира ЗНМ.
Како автори се јавуваат д-р Марина Тунева на делот кој се однесува на етички стандарди и улога и значење на медиумите за време на избори, Младен Чадиковски во делот за етички принципи за реализација на фер и балансирана телевизиска дебата со политички опоненти.
Од ЗНМ појаснуваат дека освен етичките принципи во посебен дел м-р Насер Бислими разработува теми поврзани со меѓународни правни стандарди за слобода на изразување и избори, а м-р Емилија Јаневска ја разработува темата која се однесува на национални правила за медиумско покривање на изборни процеси.
Уредник на публикацијата е Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ, кој на крајот има изработено препораки од Здружението на новинарите на Македонија во контекст на предлог измените на Изборниот законик.
-Оваа публикација е поддржана од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) со поддршка на американскиот народ преку Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и ОБСЕ Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР).Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на ЗНМ и авторите и во никој случај не може да се смета дека ја одразува позицијата на УСАИД или Владата на САД, ИФЕС или ОДИХР, се наведува во соопштението на ЗНМ.