Според Светската банка, Македонија во последните 15 години ја напуштиле повеќе од 500.000 лица. Економските последици од иселување се огромни, државата губи по 15 846 евра од секој млад човек кој ќе ја напушти нашата држава. Мрежата за спречување на одлив на мозоци, пред парламентарните избори изготви препораки за сите политички актери да покажат дека имаат визија како повеќе млади да останат во земјата.
Претстојните парламентарни избори се шанса за политичките партии да покажат дека имаат визија како повеќе млади да останат во земјата. Бидејќи следните четири години не навестуваат дека трендот на одлив на мозоци и иселување на младите од земјата ќе престане, одвраќањето на овој тренд треба да биде највисок приоритет за политичките партии, тврдат од Мрежата за спречување на одлив на мозоци кои очекуваат идеи и конкретни планови за создавање услови за останување на младите во Македонија.
Младински организации од Мрежата за спречување на одлив на мозоци сметаат дека е важно младите да учествуваат во политичкиот процес и да го остварат своето право на глас. Младите сакаат да видат јасни идеи за како да се подобри нивната ситуација, па затоа ги даваат следниве препораки за кои се надеваат дека партиите ќе ги земат предвид при подготовка на политичките програми.
– Министерството за образование и наука да донесе нова Стратегија за спречување на одливот на мозоци и стимулирање на циркуларната миграција со реални мерки и активности и фокус на најновите неекономски трендови и податоци за младите, да се спроведе реформа на сите нивоа на образование која ќе се базира на користење нови технологии, дигитализација и модернизација на наставните програми и администрацијата, да овозможи практични и модерни вештини барани на пазарот на трудот преку редовна и вонредна настава и активности, како и обучување на наставниот кадар за модерни начини на пренос на знаење, методологија и технологија.
– Министерството за образование и наука да стави во употреба и да формира нови кариерни центри во средните училишта и универзитетите кои ќе им помагаат на младите во нивниот кариерен избор и професионално усовршување, потпирајќи се на потребите на домашниот пазар на труд.
– Агенцијата за иселеништво и Агенцијата за странски инвестиции да формираат систам за прибирање информации за нашата млада интелектуална дијаспора и да интензивира промоцијата на државата како „инвестициски рај” со цел привлекување директни инвестиции од младите и пренос на знаење, практики и искуство.
– Државните институциите да создадат овозможувачка културата на вклучување на младите и користење на нивното знаење и потенцијал и да се дигитализираат услугите на државната администрација за остварување на основните права на младите и бизнисите водени од млади.
– Министерството за економија да охрабри и финансиски да поддржи отворање на бизниси на локално ниво и да се децентрализира понудата и работата на бизнисите основани од млади луѓе.
– Агенцијата за млади и спорт да ја прошири и интензивира праксата на отворање младински центри во секоја општина во државата и создавање децентрализирани можности за раст, развој и практични животни вештини на младите.
– Агенцијата за млади и спорт да го стави одливот на мозоци и миграцијата на младите како еден од приоритетите на работењето на и да се стимулира соработка со другите институции во однос на ова прашање.
– Државниот завод за статистика да прибира и врши квалитативна анализа на статистички податоци за младите, нивните миграции и посебно за емиграцијата на младите и образовани стручни кадри.
Се вели во реакцијата и препораките од Мрежата за спречување одлив на мозоци.