Претседателот на државата, Ѓорге Иванов во 17 часот ќе се обрати пред македонските граѓани во врска со договорот за името меѓу Македонија и Грција. Тој денеска имаше двеминутна средба со премиерот Зоран Заев и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров кои го информираа за постигнатиот договор за името.
Од Кабинетот на претседателот соопштија дека средбата траела две минути и најавија дека во текот на денот тој ќе обрати пред граѓаните.
Со соопштение се огласи и Владата. Оттаму информираа дека премиерот Заев и министерот Димитров имале конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекинал и напуштил состанокот и одбил да разговара.
Од Владата ги повикаа сите политички фактори да се обединат околу националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ.
Во Владата денеска се одржа и средба меѓу премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.