Екс директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, е главен актер во видеото без тон објавено на You tube и три аудио снимки објавени од профилот „Раце лепливи“. Во видеото се гледа како Дончев добива снопче пари и ги става во ташна.
На аудио-снимките се слушаат делови од разговори поврзани со продажба на фирма, каде наводно било издејствувано да интервенира полиција. Се споменуваат имињата на Зоран Заев, обвинителката Вилма Рускоска, адвокатот Филип Медарски и директорот на финансиското разузнавање Блажо Тасевски.
Ден Дончев за утре најави соопштение. Обвинителката Вилма Рускоска потврди дека за Дончев се водат две истраги. Дали овие снимки се од истрагата, Рускоска не одговори.
Прашан на денешната прес конференција, Зоран Заев кажа дека снимките се дел од предизборната кампања на опозицијата.
-Снимката ја видов и ќе го прашате Ден Дончев да ви каже каде е таа снимка. Едно што знам, секако ќе дадам одговор откога ќе разговарам и со Ден Дончев околу деталите. Вклученост на Медарски кој се спомнува внатре, кој е мој адвокат, многу често ангажиран и од СДСМ, имало во предмет со “Тотал ТВ“, каде меѓу себе сопственици воделе пријави до полиција и слично и полицијата постапувала со Тотал ТВ, но секако ќе си каже и Ден Дончев, не би навлегувал во вакви лажни, манипулациски пуштања на снимки, изјави Зоран Заев.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски смета дека овие снимки се доказ за криминал во највисоките владини структури.
– Каква е поврзаноста на Заев со првата снимка на македонски политичар кој што зема пари пред камера? Дали со тоа што дозволи Ден Дончев нечепнато да се повлече од директорската позиција, практично Заев овозможи амнестија за овој човек, знаејќи што правел? Затоа што најверојатно го правел во координација со Заев, изјави Николоски.