Сојузот на стопански комори (ССК) го квалификува како скандалозно однесувањето на кабелските оператори кои вчера еден час го прекинаа емитувањето на ТВ програмите. Од ССК оценуваат дека на овој начин операторите ги оштетуваат корисниците кои плаќаат за услугите и имаат уредно склучени договори. Воедно им порачува на кабелските оператори своите права да ги бараат институционално, а не на грбот на граѓаните.
„Вакво скандалозно однесување не е забележано никаде. Да се исклучува програма за која постојат уредно потпишани договори и за која се има обврска за испорака на услуга кон компаниите и граѓаните. Бараме појаснување според кој член од договорите без прашање и без писмено прифаќање од страна на корисниците, тие ќе бидат обештетени со некој денар намалена претплата, а не со соодветна оштета за прекршување на договорите. Очекуваме да се престане самоволието камуфлирано во протест и своите права операторитe да си ги бараат институционално, а не врз грбот на корисниците и да ги испорачуваат редовно услугите за кои имаат обврска по договор. Правото на протест доколку се сака да се искористи, не смее да се прави со оштетување на корисниците и на начин со вршење на притисок со исклучување на програмата. За протест против наводно наметнат пропис, операторите може да се упатат пред институциите кои сметаат дека ги оштетиле, да си го користат правото на штрајк и протест, да преговараат, без да се преземаат дејствија како прекин на услуга, со што ги оштетуваат граѓаните и фирмите“, наведува ССК.