Финансиската дисциплина тема во денешниот „Стадион“: Наплаќањето побарување од јавниот сектор речиси невозможна мисија – ММС
ММС

Објавено на: 06/20/20 1:20 PM

Финансиската дисциплина тема во денешниот „Стадион“: Наплаќањето побарување од јавниот сектор речиси невозможна мисија

Финансиската дисциплина кај нас како да важи само за приватниот сектор, а кога компанија има побарување од претпријатие од јавниот сектор тоа често оди многу тешко. Со истиот проблем често се судираат граѓаните – ќе имате несреќа со животно на автопат, ќе го оштетите автомбилот од дупка на пат, ќе пропаднете во шахта на улица, ќе ве касне куче… Кого да тужите, кој да ви плати отштета и дали може во догледно време, па и воопшто некогаш да ја добиете. Законот за финансиска дисциплина значи ставање ред во меѓусебното плаќање, односно раздолжување меѓу фирмите од приватниот сектор. Тој требаше да значи и решавање на проблемот со неплаќање на обврските меѓу приватниот и јавниот сектор. Но, за многумина тоа остана само пуста желба дека работите ќе се променат. Многу фирми не можат да си ги наплатат побарувањата, некои стари и по година, две, па и подолго, од што на многу им зависи опстанокот. На оваа тема беше посветено денешното издание на емисијата „Стадион“ на „Канал 77“, во чии рамки беше емитувана и новинарската истражувачка сторија на Вања Мицевска – „Извршните решенија – невозможна мисија во државните институции“.

Адвокатката Велика Стојковска, застапник на фирмата „Агровојводина механизација“ од Скопје, која беше еден од гостите на водителот Столе Наумов во студиото, информираше за еден случај од пред три години, кога фирмата што ја застапува потпишала договор со „Македонија пат“ да и’ испорача приклучни машини, како ваљаци, косачки, што и’ било извршено, но пари уште не добила.

– И покрај тоа што договорот е уредно склучен, до денеска ништо не е платено Поведовме постапка пред надлежен нотар, кој издаде платен налог. „Македонија пат“ дури не поднесе ни приговор. Откако налогот стана правосилен, го однесовме кај извршител за да се изврши, наплати. Но, кај извршителот бевме шокирани. Сме биле дури 52. на ред во постапките за ивршување против „Македонија пат“. Практично, на сметката на тоа јавно претпријатие не постојат парични средства од кои сите тие фирми можат да си ги наплатат средствата – вели Стојковска.

Адвокатот Богданов, кој телефонски се вклучи во емисијата, информираше дека некои, откако ќе се исцрпеле сите можности кај нашите судови, правдата продолжувале да ја бараат пред Судот во Стразбур. Рече дека, според негови информации, повеќе од 1.000 доверители само од „Македонија пат“ чекале за наплата по разни основи. Општини и јавни претпријатија често на сметките држеле средства под лимитот, поради што не можело да се наплати присилно извршување.

За состојбата во која се наоѓа „Македонија пат“ зборуваше Перо Ристовски од правната служба на јавното претпријатие, кое, сега, поради поставеноста, било само сервис, извршител на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), без сопствени приходи, а добивало средства само за работи со кое ќе го задолжи ЈПДП.

– Народот уште мисли и дека парите од патарините се влеваат во „Македонија пат“, а такво нешто никогаш немало. Ни порано ни сега. До акциите „Змиско око 1 и 2“, на патарините работеа наши работници, но прометот од патарините се уплаќаше на сметката на Агенцијата за патишта, сега ЈПДП. Потоа ЈПДП ги презеде и вработените – истакна Ристовски.

Таквата поставеност доведува и до многу апсурдни ситуации, како, на пример, покрај добар дел од автопатот Скопје – Тетово и по 20 години уште да нема поставено заштитна ограда или најголемиот број од животните што не ретко може да се видат на нашите автопати на нив влегувале кај патарините…