Кавадарци одбележува 107 години од Тиквешкото востание – ММС
ММС

Објавено на: 06/19/20 7:38 AM

Кавадарци одбележува 107 години од Тиквешкото востание

Кавадарци денеска одбележува 107 години од Тиквешкото востание. Цвеќе ќе биде положено пред споменикот во паркот ,,Полјана”. Годинава, заради почитување на превентивните мерки против коронавирус, нема да има културно-уметничка програма.

Историчарот Петре Камчевски потсетува дека на 19 јуни 1913 година започнало Тиквешкото востание,  како израз на револт против насилствата, теророт, убиствата и силувањата што ги извршиле српските воено-административни власти врз населението во Тиквешијата,  во време на интеррегнум помеѓу Првата и Втора Балканска  војна.

– Востанието започнало со пукање врз чиновниците, офицерите, жандармите и другите претставници на српската власт во Кавадарци. За кратко време биле ослободени Кавадарци, Неготино, Ваташа, Криволак и уште педесетина населени места во Тиквеш. Востаниците имале свој штаб кој го сочинувале војводи и револуционери од времето на Илинденското востание. На востаниците им пристапиле и четите на Васил Чакаларов, Петар Чаулев, Милан Ѓурлуков, Христо Чернопеев, Ѓакон Евсатиј и други и нивниот број изнесувал повеќе од 1000 борци, вели Камчевски како хроничар на Кавадарци и Тиквешијата.

Во Кавадарци било симнато српското знаме и било поставено Револуционерното тиквешко знаме од 1903 година на кое пишувало „Слобода или смрт”, а под него, „Тиквешки револуционерен округ”.

– По 7 дена, на 25 јуни, голема српска војска предводена од Василие Трбиќ, а во чиј состав имало и неколку башибозучки дружини како на Јаја Ага Малиќ, Јован Долгачот, Јован Бабунски и други, успеале  по големи борби да ги потиснат востаниците од Кавадарци, Неготино, Ваташа, а овие заедно со голем збег од народ морале да се повлечат кон селата под планината Кожув. Српските воени власти жестоко се справиле со населението, биле убиени 545 луѓе според извештајот на Карнегиевата комисија, 1000 куќи и дуќани биле запалени, 2700 луѓе биле затворени, а повеќе од 10000 биле приморани да ги напуштат своите домови и да емигрираат во Бугарија, додава Камчевски.

Најмогу жртви имало во Неготино-117, Бохула-44, Ваташа-37, Кавадарци-25, Прждево-35 и други.

– Тиквешкото востание и последиците од него претставуваат најголемиот злостор врз народот од овој крај во поновата историја на овој крај. Како последица на овој настан, за неколку дена биле убиени повеќе луѓе отколку за време на Втората светска војна во целата Тиквешија, нагласува Камчевски.