По денешната пресуда за „Рекет“ која Бојан Јовановски – Боки 13 ја нарече „политичка“ и упати обвинувања кон поранешниот премиер и неговиот брат, Зоран Заев во изјава за „Фокус“ вели дека обвинувањата се поради тоа што одбил да му помогне на Бојан и оти го пријавил случајот.
– Денешната пресуда за овој случај е потврда дека правдата функционира независно за кого станува збор.
Заврши времето кога политичари се јавуваа во правосудството за да заштитат прекршители на законот. И покрај тоа што сите докази за случајот познат во јавноста како Рекет и се добро познати на јавноста, сепак Бојан Јовановски вака јавно да лаже е од единствена причина, според мене, што токму јас го пријавив овој случај и секако ги одбив сите барања од него преку посредници за да му помогнам во судскиот процес, изјави Заев за “Фокус”.
Јовановски денеска откако беше изречена пресудата со која доби девет години затвор, рече дека таа пресудата е политичка и упати парите да се бараат „кај Зоран и Вице Заеви“.
– Ова е ден на политичка кампања, донесовте политичка пресуда. Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви, рече Јовановски.