Сините од Лондон и официјално денес го потврдија трансферот на германскиот репрезентативец и напаѓач на Лајпциг, Тимо Вернер. Трансферот ќе вреди 50 милиони евра, а Вернер би требало да заработува 170.000 фунти неделна плата и да се задржи во клубот во следните пет години.
Тој ќе остане до крајот на бундеслигашката сезона во Лајпциг, со кого се бори за место во Лигата на шампионите следната година и ќе се обиде да го сруши рекордот на Марио Гомез, како првиот Германец што постигнал повеќе од 26 голови во една натпреварувачка сезона во германскотоо најсилно фудбалско првенство. До овој момент, Вернер има 26 голови и му недостасува само еден за да се запише во историјата на германскиот фудбал, пред во јули да се запознае со неговите нови соиграчи од Лондон.
Еден од најталентираните, најразновидните и најбараните напаѓачи на денешницата, изјави дека е пресреќен што ќе заигра во најдобрата лига во светот и во еден од најдобрите светски клубови, изразувајќи желба што поскоро да започне во новото поглавје и да освојува што е можно повеќе трофеи.
-Пресреќен сум што потпишав за Челзи, многу сум горд затоа што се приклучувам на овој голем клуб. Секако, би сакал да им се заблагодарам на Лајпциг, на клубот и фановите, за сите овие фантастични години. Засекогаш ќе имате посебно место во моето срце. Се радувам на следната сезона со моите нови соиграчи, новиот тренер и фановите на Челзи. Заедно ќе имаме многу успешна иднина пред нас, изјави Вернер за официјалниот клупски сајт на Челзи.
Вернер претставува второ официјално засилување на клубот од западен Лондон летово, после доаѓањето на Мароканецот, Хаким Зијеш од Ајакс.